Британскиот премиер Дејвид Камерон ги предупреди своите министри дека ќе треба да ја поддржат неговата стратегија за ЕУ или да ја напуштат Владата, јави Би-Би-Си.
Камерон, кој на функцијата беше реизбран на 7 мај, вети дека ќе ги реформира односите на неговата земја со Европската унија, пред да го свика референдумот за членство до крајот на 2017 година. Од кулоарите на самитот на Г-7 во Германија тој јасно стави до знаење дека нема да го толерира различното мислење во Владата.
– Доколку сакате да бидете дел од Владата треба да ја споделувате позицијата дека преземаме начини за ново договарање (со Брисел), за да спроведеме референдум и дека тоа ќе доведе до успешен резултат, рече Камерон пред новинарите како одговор на прашањето дали ќе им дозволи на неговите министри по совест да гласаат на референдумот.
Камерон ова го кажа откако 50 пратеници на неговата конзервативна партија соопштија дека се подготвени да се вклучат во кампањата за излез на земјата од ЕУ, доколку не бидат извршени радикални промени во Унијата, потсетија британските медиуми.