Извршниот директор на компанијата „ФИАТ“ и прв човек на „Ферари“, Серџо Меркионе, најави дека италијанскиот производител планира да го врати во живот славниот модел „Дино“.
-Не е прашањето ‘дали’ туку ‘кога’ на купувачите ќе им го понудиме новиот „Ферари Дино“, изјави Маркионе во интервју за „Аутокар“.
Тој додаде дека автомобилот ќе има централно поставена погонска единица што ќе развива околу 500 „коња“.
Аналитичарите претпоставуваат дека е во прашање твин-турбо В6 агрегат што ќе обезбеди новиот „Дино“ од место до стотка да забрза за помалку од 3,5 секунди и да развива 320 километри на час.
Маркионе ја отфрли можноста моторот да биде сместен напред, дури и доколку таквото решение би донело заштеди во процесот на развој и производство.
-Секој „Ферари“ што го носи името „Дино“ мора да ги почитува традицијата и историјата на овој модел, објасни Маркионе.
Кога станува збор за цената на автомобилот, таа ќе биде малку повисока од „Ферари Калифорнија Т“.
Оригиналните модели што го носиле името „Дино“, во знак на сеќавање на прерано починатиот син на основачот на компанијата, Енцо Ферари, се произведувале меѓу 1968 и 1976 година.