Поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден ја критикуваше Велика Британија поради тоа што игра активна улога во мрежата за шпионирање, која ја формирала американската Агенција за национална безбедност и нагласи дека со тоа се жртвувани правата и потребите на британските граѓани.
– Зошто британската Влада е толку таинствена? Од што се плаши толку, од своите граѓани? Се плашат од штетна јавна дебата. Бидејќи кога јавноста би знаела што прават, би можеле да ги тужиме и да ги победиме…Британската Влада не се обидува да ги сочува граѓанските слободи, туку да ги ограничи, изјави Сноуден, одговарајќи на прашање на лондонската публика преку видео-линк во органзиација на „Амнести интернешнл“.
Во прашањата и одговорите, кои траеа 40 минути во пресрет на специјалното прикажување на документарниот филм Сноуден „Граѓанинот четири“, награден со Оскар, тој истакна дека шпионирањето со масовни размери не е ефикасно во фаќање на терористите, но и овозможува на Владата да „копа по животите на послушните граѓани“.