Да, можеме!

Од:

1 јуни 2015

Новости – Загреб

За шест години постоење, Платформата за лица погодени од хипотеки ПАХ прерасна во најактивна и наразгранета организација по движењето 15М. Досега трајно спречи 1.663 деложации во Шпанија. Притоа, не ги спречи само еднократно, туку благодарение на преговорите на активистите и должниците со банките трајно ги укина заканите од губење на домовите.

По доаѓањето во Мадрид се распрашуваме кај сопственик на хостел како да дојдеме до квартот Маласана. – Охх, намигнува тој и додава: Па вие само што сте стигнале и веднаш сакате во Маласана! Овој мадридски кварт, преполн со барови, е популарно место за излегување, но нашата прва мадридска адреса ќе биде тамошниот автономен културен центар Ел Патио. Во Ел Патио се наоѓаме со активистки на шпанската Платформа за лица погодени од хипотеки ПАХ, која во шест години постоење прераснала во најактивна и со повеќе од 200 автономни организации во Шпанија, најраспространета организација по движењето 15М, т.е. шпанската пролет.

Стигнавме пред Ел Патио, но на влезот не запреа и ни објаснија дека не можеме да влеземе додека не дојде по нас Лусија Луис Мендес де Виго, со која договоривме состанок. Имено, состојбата со недвижните дејности во Шпанија се променила и инвеститорите повторно тргнуваат во походи, а зградата на Ел Патио, која активистите ја зазеле пред неколку години, добила нов сопственик кој ја покренал постапката за деложација. Од тука и зајакнатите мерки за безбедност на влезот.

Додека ја чекавме Лусија Луис, ја сретнавме Ана Мендез де Андес, членка на новата партија Ганемос, која ја основале протагонисти на социјалните движења. Ана ни објасни дека тука се одржуваат и состаноци на програмскиот одбор на политичката коалиција Ахора Мадрид, составена од Ганемос и партијата Подемос, која на 24 јуни ќе излезе на шпанските локални избори. По протоколот за влегување седнавме со активстките Маи Градиља и Лусија Луис, со кои дојдовме да поразговараме за нивната работа во Платформата, која на повеќе фронтови се бори за правото на домување и чија работа ќе биде речиси одлучувачка за претстојните локални избори.

Платформата досега трајно спречи 1.663 деложации во Шпанија. Притоа, не ги запре само еднократно, како што е тоа случај кај нас, туку благодарение на преговори на активистите и банкарите трајно ги укина заканите од губење на домовите. Покрај спречувањето на деложацијата, јавните акции и преговорите околу поединечни случаи, ПАХ активно предлага измени на закони, а преку својата програма Обра Социал (Социјална работа) сместиле околу 2.500 семејства во празни станови во сопственост на банките и со банките преговарале за социјална кирија која ја заговараат и по правен пат.

Но, во разговорите со членките на ПАХ, но и со Хуан Луис Санчез, новинар на весник настанат од движењето 15М, дознавме дека пресвртот на начинот на кој луѓето ја доживуваат кризата е еден од најзначајните успеси на движење за право на станување. Успеал да го промени доминантниот дискурс кој вината ја фрлал на должниците и ја пренасочувал вината на вистинска адреса, на банките и државните власти.

Воедно, со колективно организирање на иницијативите понудила и алтернатива на депресијата во која многумина западнале, а решавањето на станбеното прашање престанало да биде чисто индивидуален проблем и одговорност.

ПАХ, како впрочем и многу шпански платформи и иницијативи настанала по окупацијата на плоштадите во пролетта во 2011 година, успеала да ја подигне маргинализирината активистичка позиција и свесно стратешки да изгради своја политичка сила со работа на секојдневни теми и места. Тоа подоцна влијаело на создавање на нов политички јазик, кој од пленуми на малите екрани во Шпанија го довел Пабло Иглесиас, лидер на новата лева политичка партија Подемос, која лани оствари завиден успех на изборите за Европарламентот.

Да потсетиме, на бранот на демонстрациите во 2011 година Шпанците повеќе од еден месец кампуваа на окупираните градски плоштади, а окупацијата не заврши како еднократен чин на празнење на колективното незадоволство. Од почетокот беше организирана како полигон на нови експерименти во декомратијата, каде долгогодишните активистички мрежи воспоставуваат пленуми на плоштадите, па по завршетокот на окупацијата, многумина вклучувајќи ги и нашите соговорнички Лусија Луис и Маи Градиљо, интензивно почнале да се бават со активизам насочен кон социјалните права.

– Движењето 15М беше бура, супер експлозија по која луѓето бараа начини за канализирање на сите тие идеи и чувства кои ги освестија на плоштадите, за да ги преместат во својата локална средина и да ги направат поконкретни, вели Лусија Мартин од Барселона, која во ПАХ е од самиот почеток на 2009 година.

Во Шпанија, која во тоа време имала над 100 деложации дневно, Платформата набрзо се воспоставила како најдобра форма на политичко организирање за решавање на конкретните проблеми. ПАХ пред се е волонтерска организација која функционира на мешавина на демократски принципи, или како што ни објасни Алберт Хименез, во платформата луѓето се охрабруваат преку пракса, а тие кои пристапуваат во ПАХ, организација која никогаш експлицитно не се позиционира идеолошки, преку праксата го откриваат својот колективен идентитет кој може да се нарече и работничка класа.

Најпознатото име во Платформата и нејзината донеодамнешна портпаролка Ада Колау, заедно со Адрија Алемани, објави книга настаната врз основ на искуствата од работата во ПАХ. Во книгата под името „Vidas Hipotecadas“ т.е. „Живот под хипотека“, се наоѓа детален опис на шпанската станбена политика од времето на Франковата диктатура па наваму, а која доведе до тешки последици со кои земјата денес се носи.

Застрашувачки факт е дека содржината на оваа книга, како и многубројните изјави на нашите соговорници, неодоливо потсетува на хрватските закони и политиката кои го фаворизираат градежниот сектор и ја стимулираат економијата врз основ на личната потрошувачка на станбените и други кредити. Шпанија континуирано ја намалуваше достапноста до социјалните станови и денес, како и во Хрватска, располага со само 1 до 2 отсто социјални станови во вкупниот број на станбените едници, а законските измени поттикнаа несигурност во изнајмување на станови на пазарот, правејќи го непримамлив облик за решавање на станбеното прашање.

– Со тоа шпанските законодавци создадоа плоден терен за јавање на див хипотекарен коњ, ни објасни Алберт. Тој додава дека е важно да се разбере дека Шпанија нагло се разви од многу сиромашна земја во просперитетен европски џин токму врз основа на балонот на недвижности.

Неговата колешка Елви Мармол зборува пак дека системот бил така подесен што владеело верување дека со поседување на сопствена недвижност ја напуштаме работничката и конечно влегуваме во средната класа.

Уште кон крајот на 90-те, владата на Хозе Марија Азнар донесе закон според кој драстично се поедностави пренамената на било кое земјиште во градежно и како хрватското Министерство за градежништво значително ги олабави процедурите за добивање на градежни дозволи. – Тоа го правеа до таа мера што речиси цела земја стана потенцијално градежно земјиште, вели Милица Лековиќ, новосадски архитект со мадридска адреса.

На воздушните снимки на шпанските рурални региони можеме да видиме цели населби настанати среде ништо, а кои очигледно се наоѓаат внатре во периметар на некоја поранешна нива. Државата притоа им овозможи на банките да ги промовираат и продаваат своите хазардски производи како вкрстено кредитирање. Вкрстените кредити беа опција за кредитирање за имигранти кои со висината на своите примања никако не можат да бидат кредитно способни. Тоа значи дека би собрале по пет до десет барања за станбен кредит, на пример од Еквадорци, за да можат едни на други да бидат жиранти. Овие идни должници не морале дури ни да се познаваат, доволно било да припаѓаат на иста етничка група.

Но, кога балонот пукна, а многумина ги загубија своите работни места и можност за отплата на кредитите, стана болно јасно дека во Шпанија, како и кај нас, не постои ефективен закон кој може да ги заштити оштетените со штетните кредити. На врв на сето тоа, државните институции не знаеја како да се снајдат во моментот на социјалната криза, бидејќи со децении беше занемарувана праксата за социјално домување и градските и државните служби беа целосно неподготвени пред надоаѓачката војска на бездомници.

Исто како и во хрватскиот случај, договорите за кредитите одредуваат дека лицето мора да продолжи да го отплатува долгот дури и кога банката ќе му го одземе станот, ако вредноста на вратениот стан е помала од висината на долгот. На тој начин се останува без дом, но со долг за цел живот, па нема смисла повторно да се вработи некој бидејќи банката веднаш ја зима платата. Таа токсична пресметка осуди голем број луѓе на пливање во сивата економија, без можност за повторно вклучување во општеството.

Има два значајни услови кои овозможија настанување на ПАХ. Првиот се организациите кои се занимаваа со правата на имигрантите, кои биле први на удар бидејќи немале роднински и други мрежи што би им помогнале да ја пребродат тешката состојба во која се нашле. Другиот среќен услов бил постоечката иницијатива „Д за домување“. Оваа иницијатива ја покренаа главно млади луѓе кои се собраа околу заедничкиот проблем, фактот дека во Шпанија прекумерно се гради, а дека тоа е прескапо за младите, додека државата системски одбива да создаде одржлив модел за решавање на станбеното прашање.

Како што вели Лусија Мартин, за неа овој проект бил вистинска новина во однос на претходните теми на шпанските активистички организации, бидејќи се обраќал на вистинските проблеми на генерацијата на која припаѓа. Спојот на инфраструктурата на организацијата за социјални и економски права, како и правата на мигрантите и свеста на иницијативата дека цената на становите зависи од силата на борбата за право на домување, создаде Платформа чија инклузивна форма овозможи да и се приклучат луѓе од различни, социјални, културни и старосни групи и политички убедувања. Барањата на Платформата беа едноставни:

1. мораториум на деложацијата

2. ослободување од комплетниот долг на тие лица кои на кредиторите ги вратиле становите поради неможност за исплаќање на долгот и

3. воспоставување на социјална рента

Како што ни објасни Лусија Мартин, не било лесно да се воспостави самоодржлив систем во кој луѓето се охрабруваат сами на себе да помагаат.

– Нашите први пленуми изгледаа така што ние кои нешто научивме за кредитите им објаснувавме на луѓето што да прават, а во момент кога ќе се појават некои добронамерни адвокати, луѓето веднаш им притрчуваа во надеж дека тие наводно стручни лица ќе им го решат проблемот, вели таа.

Новинарот Хуан Луис Санчез сликовито ја опиша стратегијата на ширењето.

– Првите активисти на ПАХ понудија рецепт со кој може да се основа организација, но исто така испратија јасна порака: Ние ви даваме рецепт, но не барајте од нас да ви зготвиме вечера, згответе ја сами! Секоја од посебните платформи мора да ги почитува основните правила, а тактиките може да ги прилагоди на специфичната состојба на својата непосредна околина. Иако се работи за низа организации со исто име, на терен видовме завидно ниво на автономија која секоја од нив ја ужива. Притоа, сите платформи многу ефикасно се усогласуваат и координираат, но ниту една нема потреба да ги праќа своите одлуки на некој централен орган, вели Санчез.

По доаѓањето во Сабадел, индустриски град во североисточна Шпанија, Елви и Алберт не однесоа на состанок на својата работна група Аутогестион т.е. Самоуправување. Пред почетокот на состанокот платформашите во еден станбен кварт стојат пред просторија која потсетува на месните заедници. Елви не претстави и рече: – Ова се наши пријателки од Право на град од Хрватска. Не внесоа во просторија во која се наоѓаат полици со внимателно здиплена стара облека, конзерви храна и многу играчки за деца. Учесниците на платформата буквално имаат од седум до 77 години и не дочекаа во многу весела и пријателска атмосфера.

Ни покажуваат колку кошници храна се потребни за прехранување на неколку семејства и со насмевка дофрлуваат на Алберт дека не го очекувале на овој состанок бидејќи мислеле дека тој се бави само со високи работи. Имено, Алберт е член на интернационална работна група. Како што ни објаснија тој и Елви, платформата е на локално ниво организирана преку пленум и работна група, на регионално преку константа комуникација со останатите платформи и составање на предлог закон за банкрот и социјални станови.

На национално ниво платформашите делуваат преку координација на работата и заговарање на законски промени, додека интернационалното ниво се состои од две насоки на работа. Една е комуникација со странски новинари, истражувачи и гости како нас, а друга заговарање на права на домување на ниво на ЕУ парламентот и Европскиот суд за човекови права.

Сите наши соговорници ги прашавме колку време одвојуваат за работа во Платформата, а сите со насмевка одговорија дека повеќе ни сами не знаат. Како што ни вели Алберт, ова не е конвенционална активистичка приказна каде ние се состануваме, малку разговараме и потоа секој оди по својот пат. Елви додава дека за неа тоа долго било второ работно време по главното работно време. Маи од Мадрид вели дека пред воспоставувањето на јасна и разгранета структура било многу потешко: Веднаш по 15М луѓето доаѓаа во Платформата со намера да ги поделат своите проблеми, а ние со месеци не можевме нормално да спиеме од трагедиите кои секојдневно ги слушавме.

Но денес, работите се нешто поинакви, или како вели Алберт – кога ги вклучувате луѓето во процесот на донесување на одлуки тие со време стануваат со поголема самодоверба и преземаат се поголема одговорност и повеќе се посветени на работата во Платформата, на тој начин создавате континуирана политизација и формирате нови активисти.

Во разговорите со активистите во Каталонија сметавме дека во таа покраина Ла ПАХ одамна прераснала во движење кое се бави само со домување, на што ни одговорија: – Пред се, ние сме движење за право на домување, но уште одамна видовме дека ако немате кров над глава, сигурно имате и низа други проблеми.

Тие додаваат дека заклучиле дека грижата исклучиво за станбеното прашање не е доволна и дека само со поврзување на иницијативи се создава одржливост на проектот. – Кај нас доаѓаат луѓе кои прво имаат проблеми на работа, а потоа станбени проблеми.

Од таа причина се поврзале со организацијата Respuestas Solidarias која собира помали синдикати. – На синдикатите денес во оваа сервисна економија тешко им е да дојдат до работниците, но работниците доаѓаат кај нас, ние потоа ги упатуваме на помали синдикати кои ја имаат потребната структура да можат да им помогнат, велат тие.

Објаснуваат дека ПАХ несакајќи станала своевидна паралелна држава бидејќи државата одамна се повлекла од многу облици на социјална помош и заштита на граѓаните.

Ада Колау, чие име често се спомнува меѓу активистите на ПАХ, доаѓа од барселонската организација за социјални и економски права Observatorio DESC. Под влијание на Ада, организацијата уште во време на недвижнинскиот балон почна да се бави со прашања за станбените права, а денес по шест години делување на Платформата, Observatorio DESC претставува цврста упоришна точка за ПАХ. Професионалците вработени во здружението во тек на работното време ги читаат и преведуваат законите на разбирлив јазик и составуваат законски предлози кои од една страна имаат упориште во Уставот, а од друга легитимација во самото движење.

Активистите одамна утврдија дека проблемот со превисоките станбени кредити и насилни деложации не е само професионално правно туку пред се политичко прашање и дека само со силен општествен притисок ќе се создаваат барања кои би можеле да кројат добри закони. Во Шпанија постојат 3,4 милиони празни станови и јасно е дека станови има, но проблем е што политиката е структуирана така да нема нужна социјална функција. Фокусот на поширока стратегија на ПАХ е токму создавање на одрлжива институционална рамка со која би се овозможила социјална функција на тој станбен фонд.

Здружени во заедничка иницијатива, ПАХ, Observatorio DESC и синдикатите, заедно со уште неколку организации, во 2012 година поднесоа до шпанскиот Парламент т.н. ИЛП. Се работи за форма на демократско одлучување во која граѓанските иницијативи, ако соберат доволен број на потписи, можат да предадат закон на расправа, а Парламентот да одлучи за негово прифаќање.

Но, Ирене, правничка од Observatorio DESC, објаснува дека ИЛП е поднесен меѓу другото и за да ја зголеми видливоста на движењето. Откако националниот Парламент го одби првиот ИЛП во кој беа три основни барања на Платформата, ПАХ одлучи да се сврти кон пониските, локални истанци на власта и преку кампањата „Ромпер пор абојо“ т.е. „Пробивање од долу“, да ги заговара барањата на ИЛП директно таму каде треба да се извршат.

Наспроти коалицијата при поднесување на ИЛП, на прашањето каква е соработката на движењето и синдикатите сите одговараат – никаква, синдикатите целосно се надвор од приказната. Хуан Луис објасни: – Мора да разберете дека луѓето во Шпанија во 2011 година станаа против цела институционална рамка, а синдикатите се перцепираат како дел од проблемот.

Додаде и дека не се трансформирале на начин да одговорат на потребите на работничката класа посебно погодена од кризата. Според изјавите на нашите соговорници тоа не значи дека не соработуваат со синдикатот. Ако никако поинаку, тогаш при мобилизација на луѓе во некоја форма на брак од корист, а без многу љубов. Во ова се уверивме на барселонските демонстрации за глобалниот ден на отпорот, на кој се собраа 5.000 луѓе.

Барселонскиот ПАХ е сместен во голема хала во која на влезот не дочекаа натписи како Благодарам на храбрите жени на ПАХ. На ѕидовите има многу табли и детални дијаграми, додека на покривот виси големо зелено срце на кое пишува „Sí se puede!“ („Да, можеме!“).

– ПАХ е женско движење, ни објасни Лусија Мартин. Кога ја изгубиле улогата на хранители која им ја наметнува шпанското општество, мажите во многу поголем број се повлекле во депресија и срам, а жените го немале тој луксуз.

Во врска со тоа, за разлика од Подемос, новите иницијативи кои излегуваат на локалните избори, на своите листи имаат и преку 60 отсто жени. За тоа, како што вели Лусија Мартин, новите партии многу воделе сметка бидејќи доаѓаат од движења кои ги покренале жени. Но, објаснува дека, доследно на својата пракса, Платформата никогаш не е дефинирана како феминистичко движење, туку праксата тоа го направила место нив. Жените преку мали победи и јавни истапи, а не преку диксурзивни сеанси, се артикулирале и станале политички субјекти.

Иако Подемос не доаѓа од редовите на движењата, со влезот во изборната трка партијата до некоја мера ги поттикна протагонистите на социјалните движења, а посебно тие од ПАХ, да се експонираат на овој начин. Но, Ана Мендез де Андес вели дека основната причина за создавање на нови партии е тоа што имаме 700.000 членови и случаи, а организацијата како ПАХ која системски работи успева да реши само неколку илјади случаи. Стана очигледно дека нема да направиме ништо одржливо додека не ја пробиеме институционалната блокада за влез во Парламентото. Притоа Ана тврди дека задачата на иницијативата произлегла од општествените движења, за разлика од централизираната Подемос, обид за отворање на институции со демократски процес кој настанал во движењето.

Иако многу видни лица во ПАХ станаа водечки во изборната трка, Платформата направи низа промени што повеќе формално да се одвои од партиите. Оценката за успешност на ова одвојување варира од соговорник до соговорник, но се согласуваат во тоа дека политизацијата настаната преку праксата на ПАХ и идеите кои таму се родиле, ќе одиграат важна улога во одлучување на гласачите на претстојните избори.

На крај, иако имаме многу успеси и добра пракса на Платформата, треба да наведеме дека протагонистите на оваа приказна и тоа како се самокритични, а дека долгогодишната пракса соговорниците ги направила свесни за тоа дека проблемите нема да се решат само на избори, на кои шансите им варираат од град до град. Но, колку и да имаат успех, цврсти се при одлуката движењето и понатаму да биде одвоено од партиите како перманентен општествен коректив. Визиите буквално насочени во подобра иднина со нетрпение ги очекуваме на 24 јуни, денот на изборите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Големо невреме во Хрватска: поројот носеше се пред себе, водата влезе во куќите

Албанка која ги уби братот и сестрата кај Дубровник е осудена на 4 години затвор

Бомба тешка 250 килограми е пронајдена кај Нова Градишка

ВИДЕО: Невреме го потопи Сплит

Земјотрес од 4,4 степени во Босна, почуствуван и во Хрватска

На српско-хрватската граница повторно уапсен актерот Сергеј Трифуновиќ

Катерина Ѓуровски