По повеќенеделни преговори денеска е постигнат договор за новата коалициска Влада на Финска составена од Партијата на центарот на премиерот Јухе Сипила, Партијата на Финците на Тимо Соини и Националната коалициска партија на поранешниот премиер Алесандер Стуб.
Популистичката и евроскептична Партија на Финците, која е против помошта за Грција и е позната по политичките гафови во Финска, првпат е во финската Влада.
Нов министер за надворешни работи и за Европа е Тимо Соини, а министер за правда е Јари Линдстром, кој изјави дека поддржува извршување на смртна казна „под одредени околности“.
Линдстром, член на Партијата на Финците истакна дека тоа е негов личен став и оти не зборува во име на новата Влада.
Соини, кој е против помошта на државите со финансиски проблеми, претходно изјави дека има смисла Грција да ја напушти еврозоната.
На припадниците на Партијата на Финците им припадна и Министерството за одбрана, за социјални работи и за здравство. Партијата на Финците на изборите во април беше втора по освоените гласови.