Европската унија мора да вложи повеќе напори за да им помогне на илегалните имигранти кои го преминуваат Средоземното Море во обид да стигнат до Европа, изјави денеска во Даблин генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
– Европа мора повеќе да помогне… Ги повикувам европските лидери целосно и заеднички да го решат проблемот (со имигрантите), изјави Бан на заедничката прес-конференција со ирскиот премиер Енда Кени, по нивната средба во Даблин.
Бан повика на зајакнување на спасувачките операции во Медитеранот, но порача и дека меѓународната заеднициа треба да се зафати со решавање на проблемите во државите од кои доаѓаат илегалните имигранти.
Апелот на Бан до ЕУ доаѓа во време кога Унијата очекува зелено светло од ОН за нејзината воено-поморска операција во Средозменото Море против шверцерите на илегални имигранти. Операцијата, наречена „ЕУ Невфор Мед“, беше одобрена минатата недела од лидерите на ЕУ.
Операцијата опфаќа распоредување на воени бродови и мисии на извидувачки авиони во територијалните води на Либија, со цел навремено да се откриваат илегалните транспорти на имигранти кон Европа.