Големиот музичко-сценски спектакл „Кармина Бурана“ на Карл Орф, во изведба на светски познатиот ансамбл од Шпанија „Ла Фура делс баус“ ќе го отвори годинешното 55-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.
Како што најави министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција на која беше обелоденета програмата на годинешното издание, ќе бидат застапени гостувања на врвни имиња и ансамбли од Европа и од целиот свет, над 30 музички настани, 14 театарски претстави, седум изложби и други активности.
– Познатиот анасмбл „Ла фура делс баус“ во својата тридецениска историја бележи стотици успешни настапи низ целиот свет и повеќе од 100 илјади посетители. Во 1992 година ги отвори Олимписките игри во Барселона. На сцената на Антички театар на отворањето на годинешното издание на „Охридско лето“, покрај еминентните актери и оперски солисти од Шпанија, ќе настапат и музичарите од оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија. Уверена сум дека изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ во која се применети нови мултимедијални технологии и која медиумите во светот ја оценија како необично уметничко патување, ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика, изјави министерката Канческа-Милевска.
Директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска најави дека 40-те фестивалски денови, на сцената на Античкиот театар, во црквата „Св. Софија”, на сцената Долни Сарај и во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се оддржат над 50 културни настани, а љубителите на уметноста, како што рече, ќе можат да уживаат во изведбата на звучни музички имиња од државава и светот.
– Фестивалската историја запиша вкупно 1.522 настани од кои 515 драмски и 2.120 музички. Ветивме дека сето тоа ќе го спакуваме во документарен филм кој ќе го прикаже патот на успешната приказна од далечната 1961 година кога првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ заедно со својот сопруг и неколку пријатели разгледувајќи ја црквата „Света Софија“ запеа во прекрасната акустика на овој простор, па се до денес. Тоа го реализираме. Љубителите на уметноста ќе имаат прилика да го погледнат патот на успехот на најпрестижниот фестивал на филмско платно, да ја видат сцената која преставува собиралиште на најпознатите светски звезди, најголемите македонски уметници, најатрактивните театарски куќи, рече Јанкуловска.
Како што нагласи таа, да се биде повеќе од половина век собиралиште на најпознатите уметници и врвните театарски куќи, да се сочуваат високите критериуми и богатата традиција, да се биде центарот на светските уметнички достигнувања, тоа значи макотрпна работа, многу труд, многу откажувања, но и гордост што фестивалот е дел од културниот просперитет на градот и државата.
– Од друга страна токму овој фестивал придонесува кон развој на туризмот, како во поглед на бројот на гостите кои пристигнуваат во Охрид, така и по квалитетот на културната програма што им се нуди на туристите. Годинава ќе реализираме и повеќе настани во живо на интернет. Лајв стримингот како новина која ја воведовме изминативе две години се покажа како неопходна потреба за бројни посетители кои токму на овој начин ги следеа концертите од Света Софија, додаде Јанкуловска.
Директорката најави дека фестивалот „Охридско лето“ и годинава ќе го промовира културното наследство пред уметниците-учесници преку презентација на историските знаменитости на градот во рамките на проектот „Охридско лето ви препорачува“.
Според градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, фестивалот „Охридско лето“ денес претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Република Македонија.
– Токму затоа што „Охридско лето“ долги години во континуитет, културно не издигнува и не промовира на меѓународен план и носи бројни гости кај нас, во исто време не прави бескрајно горди но и не обврзува да помагаме во креирањето наредни успешни фестивалски изданија. Кај нас секогаш е присутна свеста за значењето на оваа врвна културна манифестација и во пресрет и исчекување на 55-то фестивалско издание, можам да кажам дека и овојпат, општина Охрид, во рамки на своите ингеренции ќе даде максимална поддршка за негова успешна реализација, рече Бакрачески, нагласувајќи дека во рамки на јавниот повик за финансирање програми и проекти од јавен интерес, општината од својот буџет одвои значителна сума средства за годинешното фестивалско издание.
Како што истакна музичката селекторка на фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, јубилејното 55-то фестивалско издание повторно ќе биде во знакот на највисоките музички достигнувања во светот кои ќе има можност да ги види и охридската публика.
– Еден од симболите на фестивалот, црквата „Света Софија“ и годинава ќе биде домаќин на најголемиот дел концерти во рамките на „Охридско лето“. Првиот ќе се одржи два дена по отворањето на фестивалот. Се работи за солистичкиот концерт на реномираниот руски пијанист Андреј Коробеиников. Два дена потоа најавуваме уште еден извонреден руски пијанист, Николај Лугански. Како кулминација во редот на пијанистите го најавуваме пијанистот што критиката го нарекува еден од најголемите и најконтроверзните пијанисти на своето време, Иво Погорелиќ, рече Јосифова-Неделковска.
Во музичкиот дел на фестивалот ќе настапат оскаровецот Луис Бакалов, Един Карамазов, виолинистот Максим Вангеров, а со посебен пиетет, како што нагласи селекторката на музичката програма, ќе им се даде соодветен простор и на македонските музички автори и изведувачи. Традиционално и годинава на фестивалот ќе се одржат Полска вечер, Вечер на Европската унија и Француска вечер, а ќе настапи и дуото „2 Cellos“ кое на Охридско лето беше и во 2012 година.
Драмската програма, според селекторот Ѓорѓи Јолевски, ќе биде поделена во три дела, а ќе започне на 13.јули со претставата „Неопланта“ од Ласло Вегел, во режија на Андраш Урбан, а во изведба на Новосадското позориште од Србија. Потоа ќе се прикажат и тетарските претстави „Нашиот Клас“ кој е копродукциски проект на Камери театар и Национален театар „Хабима“ од Тел Авив. Во рамките на премиерните изведби ќе бидат прикажани четири претстави меѓу кои и „Плеј Пинтер“според дела на Харолд Пинтер, во режија на Нела Витошевиќ, во изведба на Народниот театар од Охрид.
– И годинава ќе имаме промоција на млади театарски автори и режисери со три претстави во кои ќе има нови театарски форми. Оваа програма ќе расте со текот на годините на „Охридско лето“, рече драмскиот селектор на „Охридско лето“, Јолевски.