450 деца и ученици од градинките и основните училишта во општина Центар играа и пееја во ритамот и музиката на земјите од Европската Унија.
Општина Центар и Делегацијата на ЕУ во Македонија традиционално, овој пат по јубилеен, 10-ти пат, го организираа Европскиот хепенинг, под мотото “Сите заедно, под едно знаме“.
Се пееја химната на Европа, песната “Денес е добар ден“, Фанданго, а присутните уживаа и во ирскиот танц, хитовите на Битлси, во виенскиот валцер и во словачките танци.
“Рефренот на песната Обединета Европа од Тото Кутуњо е нашиот сон. Сон на мојата и на Вашата генерација. Делиме ист сон да живееме заедно во мир, толеранција и просперитет“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.
Заменик-амбасадорот на ЕУ, Роберт Лидл кажа дека многу е добро да се биде тука, бидејќи гледа многу насмеани лица.
“Европа не значи само напорна работа, туку и забава. Рака под рака, европската реалност може да се реализира. Рака до рака, до мир“, рече Лидл.
Тешка задача за Жерновски и Лидл, да се одлучат за најдобриот музички и сценски настап. Сепак, изборот падна на Битлси, во изведба на триесет ученици од ООУ Димитар Миладинов и виенскиот валцер и “Солвејг“, во изведба на седумнаесет деца од ООУ Св. Кирил и Методиј.
Учениците ја покажаа и сета своја креативност, изработувајќи знамиња од рециклиран материјал.
Жерновски и Лидл се одлучија за знамињата на Ирска и Словенија.
Најдобри меѓу најдобрите 21 есеј кои влегоа во најтесна конкуренција, беа есеите на Лариса Велева, Андреј Тодоровски, Марија Додовска и Димитар Гугучевски.