Светскиот научник и професор по кибернетика, д-р Кевин Ворик е прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Звањето почесен доктор Ворик го добива по повод одбележување на Денот на македонските просветители, Светите Кирил и Методиј (24 мај).
– Кибернетиката е наука за хармоничноста во работата меѓу луѓето и технологијата и самиот факт што ова се смета за многу важно тука, значи на Универзитетот и градот Скопје заземаат многу важно место во моето срце, а сигурен сум дека и во вашите. Истражувањата понекогаш носат подеми, но и понекогаш и падови. Важно е да се учи од грешките, бидејќи само на тој начин може повеќе да се ужива во успехот, рече професор Ворик во своето обраќање по прогласувањето за почесен доктор на науки.
Професор Ворик за избор во почесен доктор е предложен од наставно-научниот совет на Факулетот за електротехника и информациски технологии од Скопје.
Кевин Ворик е роден во 1954 година во Ковенри, Англија. По завршување на основното и вишото училиште, на 16 годишна возраст, се вработува во Бритиш Телеком. По неколку годишна пракса како електроинженер по телекомуникации, го продолжува своето образование на Универзитетот во Астон, каде ја добива својата прва универзитетска диплома по електротехника и електроника. Набргу потоа, станува докторант-истражувач на Универзитетот „Империјал Колеџ“ во Лондон, а во 1982 година одбранил докторат. Во 1987 година (на 33-годишна возраст) станува редовен професор на Универзитетот во Рединг, каде осум години бил раководител на Департмантот по кибернетика, а бил и декан на Школата по инженерство и информациски науки. Вршел и други функции, како директор на Универзитетски центар за пренос на технологија, визитинг-професор на неколку универзитети и институти.
Свој придонес дава и во развојот и соработката со Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, посебно на Институтот по автоматика и системско инженерство.