Дојче веле – Берлин
САД го имаат, а го сака и Европската унија. Станува збор за закон кој спречува со приходот од трговијата на суровини да се финансираат вооружени судири. Европскиот парламент одлучува за нацрт на еден таков закон.
Злато, калај, волфрам, тантал. Нема преносен компјутер или мобилен телефон кои функционираат без тие метали. Меѓутоа, многу од тие суровини потекнуваат од региони во јужна Африка, каде со децении се водат вооружени судири. На истокот на Демократска Република Конго, многу бунтовнички групи се финансираат со т.н. конфликтни суровини. Пристапот на рудниците во последните неколку години стана воена цел, а глобалната побарувачка за технички уреди индиректно поддржува убиства, прогони и силувања во земји како што е ДР Конго.
Европската унија сака да излезе од тој маѓепсан круг. Со години се бори за концепт со кој би се вовела обврска за известување за конфликтни суровини. Денес, се разговата за нацрт соодветен закон кој треба да биде усвоен во Парламентот на ЕУ.
Предлогот на Европската комисија предвидува, фирмите кои работат со калај, тантал, волфрам и злато, да мора да докажат дека суровините не доаѓаат од рудници во немирни региони.
Доброволно или задолжително?
Мајкл Гиб смета дека тоа не е доволно. Тој работи за британско-американска невладина организација Глобален сведок, која си постави за цел да ги открие врските меѓу експлоататорите на суровините и судирите и да се бори против тоа.
– Ние сакаме Европскиот парламент да изгласа построги закони со кои се регулира одговорна, одржлива и транспарентна набавка на суровините за сите европски компании, вели Гиб.
Обврската треба да се однесува не само на компаниите кои увезуваат суровини или руда од регионот, туку и на тие кои во ЕУ увезуваат производи кои ги содржат тие метали. Според Глобален сведок, ЕУ е втор најголем увозник на компјутери и мобилни телефони на светот.
Според нацрт законот во Европскиот парламент, доказот за проектот за суровините кои се вградени во електронските апарати би бил на доброволна основа.
Во САД сите фирми кои ги вградуваат тие суровини во своите апарати, а кои доаѓаат од ДР Конго или соседните земји, од 2010 година задолжително мора да понудат докази за нивното потекло. Тоа е регулирано со членот 1502 од т.н. Закон Дод-Франк.
– Искуството од тој закон покажува дека многу компании не се во состојба да ги набават бараните докази. Патиштата по кои се доаѓа до суровините се предолги и комплицирани, вели Матијас Вахтер, шеф на одделението за осигурување и суровини при Здружението на германските индустријалци БДИ. Тој се залага за доброволно доставување на докази.
Всушност, Законот доведе до тоа, многу американски компании да избегнуваат стока од регионот на Големите езера околу Конго, наведе Андреас Мејнхарт, научник од Институтот за применета екологија во Фрибург и еден од авторите на студијата која го испитува влијанието на Законот Дод-Франк.
Бојкотот на суровини од Конго може на крај да ја одземе егзистенцијата на многумина. Критичарите предупредуваат на опасност, невработените млади во кризниот регион да се приклучат на вооружените групи.
Но, законот Дод-Франк постигна и многу позитивни работи.
– Во дејностите и политиката во меѓувреме важна тема е од каде доаѓаат нашите суровини и какви се условите под кои тие се произведуваат. И тоа покажува свој ефект ширум светот, вели Мејнхарт.