Вечерњи лист – Загреб
Иако меѓународната коалиција, на чело со САД, од август 2014 година, откако почнаа да изведуваат воздушни удари на позициите на ИСИЛ во Ирак, а потоа и во Сирија, најави почеток на крајот на Исламската држава и уништување на калифатот, денес по 11 месеци, таа злосторничка формација е посилна од кога било. Својата моќ ја докажа со повторното освојување на градот Рамади во Ирак. Освен регуларната ирачка војска, градот го бранеа и припадници на шиитската паравоена формација како и локалните сунитски вооружени племиња, но офанзивата на ИСИЛ беше премногу силна.
Падна и министерот за нафта
Рамади е изгубен наспроти жестоките американски воздушни напади на позициите на ИСИЛ. Аналитичарите сметаат дека ИСИЛ со заземањето на Рамади го возврати ударот. Изгледаше дека нивните сили се слаби, посебно откако ја изгубија контролата над Тикрит кој покрај појасот околу Багдад, всушност е единствено подрачје кое ИСИЛ го загуби од прогласувањето на Исламската држава. Во девет месеци коалициските сили не успеаја со своите воздушни напади да ја ослабат силата на ИСИЛ која во тој момент успеа уште повеќе да ги прошири границите на својот калифат. Во Сирија го заземаа Идлиб, исклучително важно стратешко место на северозападот во земјата и граничниот премин со Јордан, Насиф, а сега го стегаат обрачот околу историскиот град Палмира.
Од друга страна Курдите, поради кои беа покренати коалициските воздушни удари, се стабилизираа на фронтот и повеќе не учествуваат во борбите против ИСИЛ со ирачката војска, бидејќи создадоа компактна територија, која во случај на поделба на Ирак, би била дел од курдската држава.
Се наметнува прашањето: како ИСИЛ секој ден е се посилна наспроти тоа што Американците во тоа време ликвидираа десетици нивни високи претставници, а на калифот Ал-Багдади за кој се шпекулира дека е тешко ранет, кој неодамна ги повика сите муслимани да се преселат во Исламската држава, му е ограничено движењето и комуникациите. Уште минатата година убиени се Абд Ал-Басит кој функционерите го опишаа како воен емир или командант на ИСИЛ и Хаји Мутаз, заменик на Багдади, потоа Радван Талеб ал Хамдуни, кој се сметаше за водач на ИСИЛ во северниот ирачки град Мосул, лидерот на ИСИЛ за јужен Тикрит како и стратегот за киднапери и самоубиствени напади Абу Хамза ал-Абади.
Во последните неколку дена убиени се заменик водачот на ИСИЛ Абдул Рахма Мустафа Мохамед и последниот министер за нафта и гас во владата на ИСИЛ Набил Садик ал-Јабури, познат како Абу Сајаф.
Страв од Хезболах
Исламската држава меѓу многу муслимански сунити во светот стана посакувано место, а Абу Бакер ал-Багдади е нивен идол кој го сметаат за современ Че Гевара, кој на муслиманите конечно ќе им ги оствари соништата да живеат во калифат. Постои загриженост дека ИСИЛ во следните месеци ќе ја искористи својата прилика и со воена офанзива ќе ги шири границите на калифатот.
Ирачаните и Сиријците се огорчени и веруваат дека во тоа им помагаат Американците и коалицијата која не сака да го уништи тој калифат повикувајќи се на изјавата на пензионираниот американски генерал Весли Кларк, кој рече дека ИСИЛ ја создадоа американските пријатели и сојузници за да се борат против либанската организација Хезболах и да го намалат влијанието на Иран во регионот.
Исламистите сакаат да ја разрушат и пустината Камила
Борците на Исламската држава се повлекоа од делови на историскиот град Палмира. За Исламската држава Палмира е исклучително стратешки важна, бидејќи нејзиното заземање отвора пат кон големата сиријска пустина, која граничи со ирачката покраина Ал-Анбар, која во голем дел ја држи Исламската држава. Меѓутоа, сеуште не е помината опасноста бидејќи ИСИЛ се подготвува за нов напад. Познато е дека Палмира во Сирија е оаза со рушевини на антички град на просторот на денешната населба Тадмур 215 км североисточно од Дамаск. Палмира долго била клучен град за караваните кои поминувале преку сиријската пустина, познат и како Камила пустина. Останале рушевини од некогаш раскошните градежни зданија, светилишта, плоштади, улици, палати, театри, христијански базилики и др. Скулптурите се спој на наследството на Блискиот исток и класичната римска уметност.
Просторот се наоѓа на пописот на УНЕСКО за светско наследство. Оваа непроценлива локација, која е оставнина на човечката цивилизација, сега е во опасност. Палмира е важна затоа што на припадниците на Исламската држава би им овозможила грабежи на новите и уште побогати наоѓалишта на археолошки наоѓалишта. Според некои проценки, трговијата со артефакти е еден од најголемите извори на приходи на Исламската држава, а илегалниот пазар на истите е во постојан пораст. Тес Давис, претседателка на Меѓународното здружение за заштита на артефакти, рече дека Исламската држава само во Сирија поседува околу 12.000 артефакти и скапоцени предмети, вредни над милијарда долари.