Во Соборниот храм „Свети Никола“ во централното подрачје на Куманово во тек е реставрација и конзервација на живописот.
Целосно завршени се три композиции, според методологија на конзервацијата и реставрацијата, информираа денеска надлежните. Реставрацијата и конзервација, посочуваат, се спроведува по неколку децении на живописот кој бил насликан од зографот, Крсте Коловски во средината на шеесетите години од минатиот век.
– Во моментов се преминува на следната композиција лоцирана на северната страна, изјави денеска магистер по конзервација и реставрација,Валентина Илијевска, задолжена за овој проект кој се спроведува со одобрение на митропилотот на Кумановско-осоговската епархија г.д-р Јосиф.
Според конзерваторот Илијевска, не станува збор за висок степен на оштетувања.
– Сепак забележливи се хемиски оштетувања, но има и механички.За среќа се реагира навреме.Има наталожено прашина, пајажина и црнила, изјави Илијевска.
За успешна реставрација и конзервација, Илијевска објасни дека се раководи според претходно изготвени хемиски анализи кои се извршени на малтерот, подлогата, врзивото и боениот слој.
– Според дадените индикатори се раководам во составот на изборот на палетата, додава Илијевска.
Конзеврацијата и реставрацијата на црквата позната меѓу кумановци како Стара Црква ќе трае и наредниот период.