Роботизираните автомобили до крајот на оваа деценија ќе почнат да се симнуваат од производните ленти на јапонски „Нисан“, изјави извршниот директор на компанијата, Карлос Госн.
Меѓутоа, дали луѓето ќе можат да ги користат овие возила во секојдневниот сообраќај првенствено ќе зависи од прописите на државата во која ќе се продадат.
Бројни производители на автомобили ширум светот, како и компаниите надвор од автоиндустријата, вклучувајќи го и Гугл, работат на технологиите што ќе овозможат возење на автомобил без возач.
Госн порача дека возилата на „Нисан“ со авто-пилот ќе бидат подготвени до 2020 година, но пречка тие да се најдат на патиштата ќе претставуваат локалните прописи во земјите ширум светот.
Одделни американски сојузни држави, како Калифорнија, Флорида и Невада, веќе изгласале закони кои го отвораат патот за легализација на роботизираните возила во сообраќајот.
На тој начин, во Невада на патиштата веќе се појавија камиони со авто-пилот, а Гугл во Калифорнија наскоро ќе почне со тестирање на својот самоуправувачки автомобил на јавните сообраќајници.