Скандалот во британската медиумска куќа BBC не стивнува откако започнаа да пристигнуваат обвинувањата за некогашната ѕвезда на оваа телевизија, Џими Севил, дека сексуално злоставувал девојчиња.
Како што јавуваат медиумите, за време на долгогодишната кариера, Севил сексуално злоставувал десетина девојчиња, а некои од нив имале само 13 години.
Лондонската полиција, која води национална истрага за тој случај, соопшти дека до сега идентификувала можни 40 жртви на водителот.
Генералниот директор на BBC, најави дека куќата ќе спроведе сопствена истрага, со која би се утврдило дали правилата на телевизијата, додека Севил работел, му овозможиле сексуално злоставување врз деца.
Некои од нападите наводно се случиле во просториите на BBC, а други во болници или училишта, каде што водителот присуствувал на добротворни приредби.
Обвинувањата против Севил се изнесени во документарец кој ќе се емитува на ТВ станицата ITV.
Севил, кој почина во октомври, минатата година, на 84-годишна возраст, беше водител на музичката емисија „Top of the Pops” и детската програма „Jim’ll fix it”.
Поради неговата хуманитарна работа, кралицата Елизабета II и Ватикан го прогласиле за витез. По објавувањето на обвинувањата, неговото семејство ја тргна надгробната плоча на Севил, од почит кон јавното мислење.