Психологија на богатите: Како статусот ја убива емпатијата?

Од:

Akuzativ.com

Кој е склон да лаже и краде, богатиот или сиромашниот поединец? Звучи логично некој кој е веќе богат да може да си дозволи да игра фер.

Кој е склон да размислува за потребите на сиромашните? Звучи логично сиромашно лице да е преокупирано со сопствената тешка економска положба. Наспроти таа, богатиот човек, немајќи такви грижи, може да си дозволи да се позанимава со туѓите проблеми.

Психолозите, т.е. резултатите од нивните истражувања, велат дека оваа логика фундаментално е погрешна. Како што се качува лицето по социоекономската скала, така неговата способност да разбира и сочувствува со тие пониско од него, се намалува.

Социоекономската положба и неетичкото однесување

Алчноста е здрава, лајтмотив во говорот на Иван Бески познат берзански трговец од Вол Стрит, со кој се обрати на дипломците од Бизнис академијата при Универзитетот во Калифорнија во Беркли, генерација 1986 година. Говорот му послужи на Оливер Стоун како инспирација за говорот Алчноста е добра, кој во неговиот филм Вол Стрит, по една година ја изговори главниот лик Гордон Геко.

Дали богатите алчноста навистина ја сметаат за пожелна? Некои 25 години по Бески, токму на Беркли, изведен е цел низ на експериментални студии кои се бават со врската меѓу социоекономскиот статус, неетичкото однесување и неемпатичните реакции.

Традиционалното на социолошката тема, проф. по психологија на Беркли Дахер Келтнер и неговиот докторант Пол Пиф пријдоа на поинаков начин. За потребите на една од студиите, соработниците на Келтнер и Пиф надгледувале една сообраќајна раскрсница во урбаното јадро на Сан Франциско, бележејќи марки на автомобили чии сопственици не го почитуваат правото на предимство и непрописно ги сечат другите учесници во сообраќајот. Во друга теренска студија, повторно поаѓајќи од премисата дека типот на автомобилот сведочи за социоекономскиот статус на лицето зад воланот, следеле возачи кои не кочат пред пешачки премин, иако пешак веќе стапнал на зебрата.

Двете натуралистички студии, експерименти во real-life околината, покажале дека богатите независно од полот, староста, независно од кое време во денот е, од густината на сообраќајот, во моментот на набљудувањето – се склони кон безобразно однесување во сообраќајот. Колку однесувањето на возачите било подрско, толку корелацијата со социоекономскиот статус била посилна; на пример, сопствениците на скапи автомобили далеку почесто нагло забрзуваат за да го престигнат пешакот кој веќе почнал да ја преминува улицата, дури и откако преку предното стакло воспоставиле контакт со очи со лице на кое му го пресекуваат патото во возењето.

Третата студија изведена е во лабораторија. На испитаниците, студенти од Беркли, им биле претставени неколку сценарија кои опишуваат неетичко однесување, кои потоа се изјаснувале за степенот на согласноста со одлуката на актерот (во сите опишани ситуации, актерот на измама стекнува лична корист) и сопствена подготвеност во слични околности да донесат слична одлука.

Овој пат истражувачите се обиделе да дојдат до директни проценки за статусот на испитаниците. Како мерен инструмент им послужила МекАртуровата скала за субјективно социоекономската положба, социодемографскиот прашалник кој стандардно се употребува во студии од ваков тип. Како и во случај со теренските студии, утврдена е корелација меѓу класната припадност и неетичноста. Стратификациски подобро позиционираните испитаници покажале поголем степен на согласност со измамите кои ги прави друг, како и поголема подготвеност и самите да постапат на ист начин.

Прашањето кое се поставило пред истражувачите гласело: Дали богатите поединци се неетични затоа што се богати, или неетичноста ги довела до богатство? Пиф и Келтнер дизајнирале нова студија, со цел да ја тестираат хипотезата дека искуството од високата социоекономска положба ја зголемува склоноста кон неетичко однесување.

Идеален начин да се тестира ваква хипотеза, за жал не е изведлив. Имено, невозможно е експериментално да се промени реалната социоекономска положба на испитаниците, а потоа да се следат промените во нивното однесување или ставовите. Меѓутоа, можно е успешно да се манипулира со субјективната, чувствителната компонентна на перцепцијата и автоперцепцијата.

Откако поминале низ идентична процедура како и субјектите од претходната, трета експериментална ситуација, Пиф и Келтнер барале од своите испитаници да поминат неколку минути споредувајќи ја сопствената социоекономска положба со тие на врвот, или со тие на дното на стратификациската скала. Логиката на оваа постапка е следна: споредбата со најсиромашните, кај испитаниците создала впечаток дека нивната вистинска социоекономска положба е подобра од што навистина е; обратно, споредбата со екстремно богатите, испитаниците ги навела за себе да мислат дека се посиромашни од што се. За да можат дополнително да им го зајакнат лажното доживување, истражувачите на субјектите администрирале модифициран социодемографски прашалник, подесен така да ги сврстува многу високо или многу ниско во однос на наводниот просек.

Самиот експеримент бил релативно едноставен. На излегување од лабораторијата, наводно во знак на благодарност за учеството во експериментот, на испитаникот му било понудено од чинија со чоколадни бонбони да земе колку сака бонбони. Дополнително, на секој испитаник му било кажано дека тоа што ќе преостане ќе оди во хуманитарни цели.

Резултатот од експериментот: Испитаниците наведени сами да се доживеат како многу високо позиционирани на социоекономската скала, земале многу повеќе бонбони, т.е. оставале помалку за хуманитарни цели.

Во следна студија, се покажало дека богатите поединци имаат поповолен став кон алчноста, како и дека токму тоа е варијабила која ги прави склони кон свесно лажење во интерперсонална интеракција (на пример, ставен во улога на работодавец, испитаник со подобар социоекономски статус е склон од лице кое бара вработување да сокрие информација дека работното место за кое конкурира наскоро ќе биде укинато). Следната експериментална ситуација покажала дека испитаниците со подобра класна положба почесто лажат ако за тоа им се укаже прилика. Резултатите од вкупно седум експерименти на студиите на Пиф и соработниците, се сведуваат на следното: Побогатите поединци помалку ги почитуваат етичките норми.

Класата и сочувствителноста

– Важно е да се грижиме за ранливите луѓе.

– Кога гледам дека некој е повреден или му треба помош, чувствувам силен порив да му помогнам на тоа лице.

– Грижата за другите ми дава внатрешно чувство на топлина.

– Често гледам луѓе на кои им треба помош.

– Јас сум многу чувствително лице.

Пет тези, на кои испитаникот дава еден од седум можни одговори – од целосно не се согласувам до целосно се согласувам, често во психолошките истражувања се користат како тест на сочувствителност. Тие се дел од поширок мерен инструмент, познат како Скала на диспозиција кон позитивните емоции ДПЕС, која покрај сочувствителноста ја мери тендецијата кон доживување и покажување на уште шест емоции: радост, љубов, забавност, задоволство, гордост и стравопочит.

(Стравопочитта е додадено на листата од технички причини; поради корелација со некои димензии на лица и можноста Скалата за позитивни емоционални тенденции да се користи во истражување на религиозноста и авторитарноста).

Како што кажува самото име, ДПЕС не испитува дали некој е во состојба да почувствува излистани емоции, туку во која мера секоја од нив поединечно е трајна одлика на нечиј емоционален стил; попрецизно, колку често и со кој интензитет овие емоции се присутни во нечиј емоционален живот. Со серија на студии кои ги извеле во претходните неколку години, Келтнер и соработниците се обиделе да одговорат на прашањето: Постои ли врска меѓу класната припадност и сочувството?

Психолозите сочувството го дефинираат како тагата или грижата за другите, која ја следи желбата да им се пружи помош и да им се намали страдањето. Разлагањето на сочувството на две компоненти има свои теориски темели. Емпириски пак, желбата да им се пружи помош на другите и да им се намали страдањето, ретко се јавува ако претходно не постои чувство на тага, предизвикано од нивните проблеми.

Со помош на тестот за сочувство и стандардниот социодемографски прашалник, Келтнер и соработниците откриле дека меѓу тенденцијата кон сочувство и класната припадност постои негативна корелација. Колку лицето е повисоко на стратификациската скала, толку почесто и помалку интензивно сочувствува со проблемите на другите.

За да отидат чекор подалеку од прашалникот и самопроценките, истражувачите во една од студиите на испитаниците им покажале две видеа: едно неутрално (филм за уредување на дворот) и еден кој треба да буди сочувство (деца на хемотерапија).

Многу претходни истражување утврдиле дека успорувањето на срцевиот ритам претставува еден од најточните физиолошки показатели за фокусираност на другите. Авторите на студијата поради тоа одлучиле на испитаниците да им го следат бројот на срцевите удари во минута, но во тек на целата експериментална процедура, а не само за време на гледање на видео записите. Значи, и додека ги пополнувале прашалниците, испитаниците носеле мини-електрокардиограм, што на истражувачите им овозможило да апстрахираат евентуални промени во срцециот ритам на испитаникот, настанати поради возбуда во учеството во експериментот и необичната ситуација во која се нашле. Како што и предвиделе, физиолошкиот параметар на сочувство се искажувал почесто и поинтензивно кај социоекономски послабо котираните испитаници.

Резултатот укажува на недостиг на ангажман кај богатите, т.е. факт дека не се фокусираат на проблемот на другите. Келтнер и неговиот колега од Универзитетот во Илиноис Мајкл Краус добиле потврда од овој наод и на бихејвиоралниот тест.

Во едноставна експериментална поставка, меѓусебно запознавање и кус разговор меѓу луѓе кои претходно не се сретнале, Келтнер и Краус дошле до заклучок дека богатите далеку повеќе и почесто манифестираат невербални показатели на нефокусираност: местење на косата и облеката во текот на разговорот, манипулација со ситни објекти во раката (пенкало или мобилен, на пример) во текот на разговорот, гледање на страна… За разлика од нив, сиромашните луѓе, во директен контакт, внимателно го слушаат соговорникот, потврдуваат или одрекуваат со глава, се насмевнуваат, ги подигнуваат веѓите…

Зошто богатите луѓе се себични?

Општо, резултатите од десетина опишани студии можат да се сведат на два наоди:

– Колку лицето е поблиску до врвот на социоекономската скала, толку е помалку сочувствително.

– Колку лицето е поблиску до врвот на социоекономската скала, толку е помалку етично.

Како да се објаснат?

Многу истражувачи кои се занимаваат со оваа тематика веруваат дека недостигот на емпатија кај луѓето од повисоката класа е стекната карактеристика, која произлегува од лично искуство од економската благосостојба.

Имено, добрата социоекономска положба лицето го прави помалку зависно од другите. Со самото тоа, може да го направи и помалку чувствително на присуството и на положбата на другите. Друга причина може да биде и позитивниот однос, т.е. став кон алчноста, кој пак бара посебно објаснување.

Едно од можните гласи:

Многу луѓе кои се богати во развиениот свет, посебно ако се работи за самиот стратификациски врв, доаѓаат од корпоративната средина, што ќе каже дека формално или неформално имаат економско образование. Современата економска теорија го слика човекот како рационален поединец кој се стреми да ја максимизира сопствената корист. На страна дали таквата слика на човековата природа е точна, а не е, она што е рационално сите помалку или повеќе го сметаме за пожелно и исправно. Освен тоа, економски образован поединец, ако е уште и богат, ќе се раководи од максимата времето е пари, што може да го објасни недостигот на внимание кое го посветуваат на случаен соговорник.

Односот кон алчноста може да влијае и на тенденцијата на богатите да го оправдаат неетичното однесување, сопственото или туѓото. Кога се работи за ситни прекршоци, како сообраќајни, секако дека од влијание може да биде и фактот дека тие луѓе можат да си дозволат да платат казна за направениот прекршок.

На крај, знаете ли зошто е воведено судење со порота, неколку векови пред психологијата воопшто да стане посебна дисциплина? Затоа што се увидело дека судиите, по правило од аристократско потекло, во споровите меѓу класно нееднакви странки, практично не го слушаат и не го гледаат тој кој припаѓа на понискиот социјален слој.

Би можело да ве интересира

Најбогатите луѓе по победата на Трамп побогати за уште 64 милијарди долари

Најбогатиот човек на светот има имот од 233 милијарди долари

Најбогатиот човек на светот изгуби над 10 милијарди евра за еден ден

Ана Ололовска

Некогаш ѕвезда на Арсенал, а сега милијардер: Дури 30 пати е побогат од Кристијано Роналдо

Маск повторно е најбогатиот човек на светот

Ана Ололовска

Илон Маск симнат од тронот, најбогат човек на светот сега е Бернард Арно

Ана Ололовска