Британскиот премиер Дејвид Камерон и првиот министер на Шкотска и лидер на Шкотската национална партија (СНП), Никола Старџен денеска се сретнаа во Единбург, првпат по минатонеделните парламентарни избори во Велика Британија.
Главна тема на разговорот беше имплементацијата на планот на Смитсовата меѓупартиска комисија за натамошна деволуција на Шкотска и зголемување на овластувањато на Парламентот во Единбург.
Според британските медиуми, Камерон рекол дека е решен планот на оваа комисија да биде содржан во говорот на кралицата, пред двата дома на британскиот Парламент.
Традиционалниот „Говор на кралицата“ со кој обично се одбележува почетокот на новата парламентарна сесија, а овој пат ќе биде и промоција на новиот состав на Парламентот, се предвидува да се одржи подоцна овој месец. Во говорот на кралицата ќе бидат набележани законите и законските проекти, како и владините активности, предвидени за првата година на новата ториевска Влада.
Старџен од своја страна рекла дека предлогот на Смитсовата комисија е „добра почетна основа“, но дека планот „не оди доволно далеку“.
Камерон, по разговорите изјави дека тој е подготвен да ги разгледа сите нови и дополнителни предлози за шкотската деволуција, но дека прво би сакал да се примени она што Комисијата го има изработено и што Владата сака да го претвори во законски акт.
Шкотскиот прв министер смета дека со проширените овластувања за Парламентот во Единбург треба да се одлучува и за даноците за бизнисот, за законот за вработување, како и да има поголем удел во социјалниот сектор.
Деволуцијата во Шкотска (пренесување на овластувањата од Лондон во Единбург) е донесена во 1998 година, со законот што го истурка тогашната лабуристичка Влада на Тони Блер, со која беше обновена работата на шкотскиот Парламент, запрена пред 300 години со создавањето на англиско-шкотската унија и на Велика Британија.
Со законот за деволуција од пред 17 години во Единбург беа пренесени големи овластувања, па Шкотска имаше целосна автономија во политиката, освен во надворепната, одбранената и даночната.
Пред референдумот за отцепување на Шкотска во септември минатата година, трите главни партии во Велика Британија излегоа со заедничка декларација за натамошно проширување на деволуцијата во даночниот и фискалниот сектор. Врз основите на таквата декларација, Смитсовата комисија го подготви планот со кој шкотскиот Парламент добива овластувања да ги одредува даноците на приход, да учествува во расптеделбата на ДДВ и во некои социјални бенифиции.
На изборите од минатиот четврток, СНП успеа да освои 50 отсто од гласовите и 56 од вкупно 59-те пратенички места во Шкотска. Конзервативната партија на Дејвид Камерон победи на изборите освојувајќи неочекувано уверливо мнозинство и 331 пратенички места, со што првпат по 18 години е формирана ториевска Влада.