Од утрово средношколците ги расколопуваат шаторите, го собираат сметот, ја пакуваат храната, ги диплат ќебињата – кампот се растура. Средношколскиот пленум вчера решил да го повлече кампот спроти зградата на МОН и да го стави бојкотот во мирување. Министерството за образование според нив е нелигитимно.
Учениците трпеле засилени притисоци, особено во последниве денови, во гимназиите било понудено крајните оценки по предметите да се добиваат само од материјалот кој бил пропуштен за време на бојкотот, а прашањата да бидат оние кои се предвидени со екстерното тестирање што го намалува времето да се совлада материјалот. Имало и директни притисоци врз ученици од страна на професори и луѓе блиски на власта, а се влијаело и преку родителите.
– МОН со својот игнорантски однос во последните дозволија да колабира образовниот систем во средното образование, дозволија 6 недели училишните клупи да бидат празни, а училчиштата да се претворат во напуштени зданија. Тие не како Министерство туку како луѓе и родители не дозволија решавање на овој проблем, туку дозволија пред нивните порти да се подигне камп и да спијат малолетни соочени со небезбедни услови кои се влошуваат секој ден. Ние немаме простор за било каква комуникација и соработка со МОН, ги донесовме одлука целата гарнитура на МОН на чело со министерот Адеми да ја прогласиме за нелигитимна, рече Исмет Шабановиќ од Средношколскиот пленум
Бојкотот на наставата трае од 6. април, а кампувањето започна на 27 април, децата спијеаа на отворено и кога имаше обилни дождови и кога дуваа силни ветрови и кога во државата ситуацијата беше небезбедна поради сите случувања во Куманово, Се собраа над 15 000 потписи од граѓани кои ја сфатија борбата на средношколците за подобро образование
Им порачуваме на сите дека борбата не завршува тука. Наредната учебна година започнуваме и ние со нова сила и нова надеж. Пленумот најавува уште побеспоштедна и порадикална борба за доброто на ова наше образование. На надлежните во опва недемократско општество сакаме директно да им кажеме. Имајте ја на ум нашата решителност, бројност и нашата докажана непоколебливост. Имајте го на ум 1 септември 2015 година и дозволуивајте реприза на периодов што измина, зашто одговорни за тоа сте вие и само вие, рече Симона Туфегџиќ од Средношколскио пленум.
Донациите што ги собрале средношколците во изминатиов период ќе ги дадат за поправка на основното училиште „Вук Караџиќ“ во Куманово кое настрада во вооружената престрелка.
Според пленумот, пропуштеното во наставата, учениците ќе го надокнадат во договор со професорите.
А.Б.