Генерал на војската на Бурунди во среда соопшти дека високи офицери го „отпуштиле“ претседателот на државата Пјер Нкурунзиза, откако се обиде да донесе одлука со која би се изборил за трет мандат, но оваа одлука предизвика безредија во земјата, јави BBC.
Генералот Годефројд Нијумбарех рече дека со земјата управува одбор на националниот спас, но BBC јавува како сè уште не е јасно колкава поддршка тој ужива меѓу офицерите.
„Масите решија да ја земат во свои раце судбината на нацијата и да ја поправат неуставната состојба во која е турнат Бурунди. Масите жестоко се противат на третиот мандат на претседателот Нкурунзиза. Претседателот Пјер Нкурунзиза е разрешен од должност. Власта е соборена“, рече Нијумбарех.
Еден очевидец за BBC рече дека толпата што досега протестираше против претседателот, почна да го слави неговиот пад.
Претседателот Нкурунзиза, кој не се согласува да ги одложи јунските избори, во моментот е во Танзанија и таму со останатите источноафрикански лидери разговара за кризата во Бурунди, а неговиот помошник информациите за пучот ги отфрли оценувајќи ги како „шега“.
Во главниот град Буџумбура војниците ја опколиле зградата на државната телевизија.
Безредијата започнаа на 26 април и досега однесоа најмалку 20 животи, а последните недели од земјата побегнаа десетици илјади жители на Бурунди.