Поддржувачите и противниците на египетскиот претседател Мухамед Mорси се судрија денеска на плоштадот Тахрир во Каиро, а во најжестокото насилство откако исламистичкиот лидер дојде на власт во јуни, повредени се повеќе од 40 луѓе.
Судирите избувнаа кога поддржувачите на морсиевите Муслимански браќа го срушија подиумот кој и припаѓаше на групата што извикуваше слогани против претседателот, а двете групи потоа почнаа да се гаѓаат со камења, шишиња и “молотови коктели”, пренесуваат агенциите.
Еден доктор од болницата во близина рече дека се повредени 41 лице.
Moрсиевите поддржувачи свикаа собир на плоштадот за да протестираат против ослободителната пресуда на претставници од времето на Хосни Мубарак.
Членовите на спротивно ориентираните либерални и секуларни групи, претходно свикаа демонстрации поради исламистичката контрола над органот задолжен за изготвување на нацрт за нов устав, како и за владеењето на Морси.
Плоштадот Тахрир минатата година беше епицентарот на протестите со кои е соборен Мубарак.