Влада: Паричен надомест од 70.000 евра за семејствата на загинатите полицајци

Од:

На семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили во полициската акцијата во Куманово ќе им се додели финансиски надомест во висина од 70.000 евра по семејство, во денарска противвредност. Финансиски надомест ќе биде доделен и за припадниците на безбедносните сили кои беа ранети и повредени во акцијата, одлучи на денешната седница Владата на Република Македонија.

Награди ќе им се доделат и на полициските припадници кои учествуваа во акцијата, како и на медицинските тимови ангажирани за згрижувањето на повредените за време на акцијата во Куманово. Определена е и хуманитарна помош и обесштетување на граѓаните кои имаат штети по нивните објекти и имоти.

Според одлуката на Владата, на загинатите припадници на полицијата кои биле во брак, половина од сумата на надоместокот да биде доделен на сопругата, а половина на родителите на полицаецот. За таа цел, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да подготви и да достави информација за потребите за дополнителна помош и поддршка на членовите на семејствата на загинатите полицајци.

Како што се наведува во соопштението од Владината прес-служба, Владата одлучи да се додели финансиски надомест за припадниците на безбедносните сили кои беа ранети и повредени во полициската акција во Куманово, при што на најтешко ранетиот полицаец треба да се додели финансиски надомест од 40.000 евра во денарска противвредност.

На четирите полицајци кои се тешко повредени и се хоспитализирани на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување, а се под интензивно лекување, да се додели финансиски надомест од 35 000 евра по полицаец, во денарска противвредност.

На деветнаесетте полицајци кои се веќе оперирани заради потешки повреди, или пак имаат потешки повреди, да се додели финансиски надомест од 25 000 евра по полицаец, во денарска противвредност.

На преостанатите тринаесет полицајци кои беа повредени и ранети во акцијата да им се додели финансиски надомест од 15.000 евра по полицаец, во денарска противвредност.

На припадниците на Единицата за специјални задачи и на припадниците на Единицата за брзо распоредување кои беа ангажирани во полициската акција во Куманово, да им се додели финансиски надомест во висина од 10.000 евра по припадник, во денарска противвредност.

На припадниците на хеликоптерската единица кои учествуваа во акцијата и на професионалците од штабот кои раководеа со акцијата во Куманово да им се додели финансиски надомест во висина од 10. 000 евра по припадник, во денарска противвредност.

На припадниците на Посебната единица на полицијата кои беа ангажирани во полициската акција во Куманово, да им се додели финансиски надомест во висина од 5.000 евра по припадник, во денарска противвредност.

Исто така, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на следната владина седница да достави информација со предлог за висина на финансиски надомест за припадниците на редовниот полициски состав ангажирани во Полициската станица во Куманово кои биле на должност за време на одвивањето на акцијата.

Владата одлучи на медицинскиот персонал ангажиран во време на полициската акција во Куманово, во Ургентниот центар на Комплексот клиники Мајка Тереза, во Општата градска болница 8 Септември – Скопје, во Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски – Скопје, во Општата градска болница во Куманово, во Итната медицинска помош во Скопје, во Итната медицинска помош во Куманово, и тимовите од итната медицинска помош од Штип, Велес и Свети Николе ангажирани во Куманово, да се додели финансиски надомест во висина од една месечна плата по медицински работник.

Во врска со хуманитарната помош, Владата формираше комисија за проценка на оштетувањата на недвижниот и движен имот во местото каде што се одвиваше акцијата, која во рок од 7 дена треба да излезе на терен и да подготви и да и достави извештај за процената на штета. Комисијата е составена од претставници на Владата и Општина Куманово. Владата зазема став да се изврши обесштетување на недвижниот и движен имот во висина од 100% од проценетата штета наведена во извештајот од комисијата.

На семејствата чиишто домови се оштетени во акцијата во мерка која не дозволува услови за престој во нив, Владата одлучи да им се обезбеди сместување во време на периодот потребен за санација на нивните домови, или пак во истиот период додека трае санацијата да добиваат финансиски надомест за закуп на простории (кирија) за живеалишта. Владата одлучи на овие семејства да им додели и првична еднократна хуманитарна помош во висина од 100.000 денари по единица оштетен дом во мерка која не дозволува услови за престој.

Според одлуката на Владата, надлежните државни комунални, медицински и санитарни институции, во соработка со Општина Куманово и Град Скопје, треба да пристапат кон расчистување на теренот со цел обезбедување на потребните комунални и санитетски услови.

Би можело да ве интересира

Скопјанец му дал 50.000 денари на лице кое лажно се претставило дека работи во МВР

Куманово: Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи

Безживотно тело на млад маж со прострелна рана пронајдено е во штипско село

А1он

Ќерка тепала мајка во Гази Баба

А1он

Вработени во МВР им продавале тајни податоци на криминалци

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада