ЛДП реагира за ослободувањето од комуналии, односно од надоместок за изградено градежно земјиште, за реконструкција на зградата на Владата на Република Македонија.
Советот на Општината Центар, потсетуваат, донесе одлука со која се ослободува Владата од надоместок за комуналии за реконструкција на зградата на Владата, за делот кој и припаѓа на општината. Со оваа одлука, посочуваат, граѓаните на општина Центар дирекнто се оштетени за сума од 82 000 евра, пари кои можеа да бидат наменети за санација на многубројните дупки кои се наоѓаат низ општинските улици, проширување на зелените површини низ градот и слично.
Се очекува и Советот на Градот Скопје да ја следи оваа одлука за ослободување од комуналии, овојпат со вредност од нови 120 000 евра.
„ЛДП има принципиелен став дека од комуналии можат да бидат ослободени само објекти од областа на здравството (како што се болници, поликлиники, здравствени домови, амбуланти ис сл.), објекти од областа на образованието (основни и средни училишта и универзитети), објекти од социјалната сфера (градинки, домови за стари лица, за лица со посебни потреби), а додека сите останати, вклучувајќи ја и Владата на Република Македонија, треба да ги платат комуналиите“, изјави Емил Лазаревски.
Претседателот на Владата на Република Македонија и на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, често пати, рече, повикува на изјаснување на граѓаните преку референдум. Тука сме, потенцираат од ЛДП, на иста страна, бидејќи секогаш го подржуваме референдумот како алатка за највисока форма на демократија.
„ЛДП бара од премиерот Груевски, кој твдри дека многу сака да го слуша гласот на граѓаните, да им наложи на своите советници во Градот Скопје и Општина Центар, за ова прашање да распишат референдум и да ги прашаат жителите на Скопје и на општина Центар дали го сметаат за оправдано ваквото ослободување од комунали во висина од преку 200 000 евра. Ние, кои за среќа не го делиме исто мислење за барокната реформска политика на централната и на локалната власт, сметаме дека мора да им биде јасно на овластените функционери дека ниту еден државен имот не е нивна приватна сопственост, односно дека немаат екслузивно право за користење, проширување и екстериерно уредување на истиот“, вели Лазаревски.
ЛДП, преку својата советничка група во Градот Скопје, најавува соодветни реакции против донесување на одлука за ослободување од комуналии, како и за, како што велат, невиденото самоволие со масакрот на дрвјата во паркот спроти хотелот “Бристол”, злостор кој беше направен без никаква консултација со згрозените граѓани на Општина Центар.