Средношколците попладнево повторно ја блокираа улицата пред зградата на Министерството за образование и наука. Со силни свирежи и вувузели покажаа дека немаат намера да се повлечат од своите барања.
Револтирани од односот на вицепремиерот Владимир Пешевски кој на нивниот соученик му се обратил со зборовите: „Знам јас кој те праќа“, учениците носеа маици на кои пишува „Знаеме кој те праќа тебе, а кој не’ праќа нас?“. Тие се свртеа со грб кон Министерството во знак на протест заради неговото игнорирање на барањата за поквалитетно образование.
Средношколците извикуваа: „Кој не’ праќа нас!“, „Ние сме иднината!“, а им даваа и цвеќиња на полицајците кои го штитеа влезот од учениците.
Бојкотот на наставата продолжува, но средношколците најавуваат дека и судски ќе ги бараат своите права, ќе поднесат пријави до Обвинителството и претставки до судовите. На надлежните им порачаа дека ќе бараат правна разрешница за сите закани и притисоци врз нив. Ќе им помогнат Хелсиншкиот комитет и други институции.
– Остануваме пред МОН, но ќе одиме и пред судовите, пред институциите да ја бараме правдата, на повисоки инстанци. Ќе поднесеме тужби и пријави за сите што ни се закануваа и ни вршеа притисоци, рече Александар Милески од Средношколски пленум.
На протестот дојдоа и родители.
– Не можам да се изначудам што луѓето од министерствто досега не излегоа.Децата знаат што бараат, а ние како родители ги поддржуваме и тоа е најмногу што можеме да направиме, вели мајка на средношколец.
Протестот на средношколците денеска пред МОН, го следеа и неколку странски новинарски екипи.
А.Б.