Од разговорите што ги објави опозицијата се гледа дека постои инволвираност во истрагата за убиството на Мартин Нешковски, се гледа дека постои пара структура во МВР која спротивно на законот дава наредби, вели универзитетскиот професор и поранешен разузнавач, Владимир Пивоваров.
– Она што се дебатираше во јавноста од страна на експертите, сега се потврди со снимките. Од МВР велат дека тоа погрешно се толкува, но сите сме способни да судиме дали е така. Јасно и гласно се зборува како во тој политички момент на победа се прави обид да не се замати атмосферата на победата, иако се работи за убиство, за одземање на нечиј живот. Се согледува постоењето на пара структура во МВР и тоа дека највисоките старешини биле информирани. Зошто никој не го спомнува извршениот увид? Портпаролот подоцна изјави дека таков случај не пријавен, но истата ноќ е извршен увид на истражен судија. Кој го повикал истражниот судија, ако не полицијата. Лешот на покојниот не стоел цела ноќ таму на улица – вели професорот.
Што се однесува до протестите предизвикани од објавените аудио снимки за убиството на Нешковски, полицијата, вели тој, прави проценка за употреба на сила во случај на нарушување на јавен ред и мир, но тоа може да се злоупотреби. Тој подвлекува дека употребата на сила од страна на полицијата треба да заврши тогаш кога отпорот ќе биде совладан.
Во врска со гестот на полицијата во вторникот преку еден службеник да ја крене рампата пред Владата и да дозволи влегување на демонстрантите, Пивоваров потсетува дека освен изјавата на полицаецот, институциите не дадоа официјална информација зошто тоа беше наредено. Може, додава тој, целта да била навлекување на демонстрантите да влезат во забранетата зона за потоа полицијата да има оправдување да употреби физичка сила врз нив.
Упатените, пак, велат дека во вторникот и деновите потоа, полицијата се користи како инструмент за да се заштити политичката структура стационирана во Влада. Тоа го докажува и фактот што за заштита на домот на извршната власт е употребена побројна полициска сила, отколку за законодавниот дом, односно Собранието.
Од друга страна, Пивоваров посочува дека со тоа што полицијата забранува пристап до институциите на демонстрантите им е забрането уставното право на слободно здржување во протест и правото на слободно движење, што, пак, може да доведе до зголемување на нивниот револт.
– МВР го предизвикува народот со тоа што не им дозволуваат да протестираат пред институциите. Тоа е негативно за самата полиција затоа што признава дека не е оспособена да го обезбеди тој простор. Една современа полиција, со сите нишани, не би имала проблем да ограничи еден простор. Може да дојде до злоупотреба на полицијата кога се прави проценка која не подлежи на ревизија. Кој ги носи тие проценки и дали во тоа стои политичност? На протестите во вторникот ја согледавме слабоста на полицијата да ги најде виновниците за насилството. Тие треба да се предмет на присила, а не сите недолжни граѓани. Не смее да се тепа се живо кога ќе дојде до нарушување на јавен ред и мир. Со тоа се спречува правото на протест. Не може ан блок да ги сфатиме протестите, па се што ќе фати полицијата да тепа. Можно е да фати и случен минувач. Физичка сила се употребува во онаа мерка и во оној обем додека не се совлада отпорот. Ние имавме ситуација кога отпорот беше совладан, а сепак продолжи да се применува прекумерна сила. По совладување на отпорот секоја дополнителна примена на сила претставува злоупотреба и кривично дело – вели тој.
Кога Министерството, додава Пивоваров, ги игнорира случаите во кои недолжни демонстранти се повредени од полицијата, тогаш испраќа порака дека тие се непожелни.
– Кај нас имаме ситуација „кадија те тужи, кадија те суди“, односно морате да се обратите кај истите кои вршеле примена на сила врз вас. Министерството не излезе со ниеден конкретен случај на примена на сила кој е испитан. Тоа е порака до сите граѓани, да ги демотивираат и демоларизираат граѓаните. Зошто никој не кажа за насилните демонстранти дали се вметната група? Затоа што може некој да го договорил тоа за полицијата да има покритие и да употреби агресија – појаснува професорот.
Маја Васева