Средношколците од најголемите средни скопски училишта кои две недели спијат под отворено небо спроти МОН ги повикаа министерот за образование Адеми, и заменик министерот Ристовски, во понеделник во 13 часот на уште една средба за реформите во образованието.
Во меѓувреме, средношколците ги повикаа родителите, наставниците и сите граѓани во што помасовен број да дојадат на протестот во 17 часот, пред МОН, што се организира и денеска.
-Нашите барања се цврсти и одлучни и остануваме на нив. Остануваме тука на средношколскиот фронт, и на сонце и на дожд, за да ја оствариме нашата цел, а тое е подобро образование во Република Македонија. Затоа ги повикувам сите средношколци, родители и сите загрижени граѓани да дојда пред Министерството во 17 часот и да го искажат својот револт. Нека дојдат сите што можат, да бидеме во поголем број и да покажеме масовност за да видат дека не сме се откажале од нашата цел, рече Александар Милески од Средношколскиот пленум.
Во понеделник истекуваат 25-те дена законска можност за континуирано отсуство од училиштата. Средношколците го ресетираат бојкотот, односно се враќаат само еден ден на настава, по што бојкотот и кампувањето продолжуваат.
Се’ поголем е бројот на родители кои целосно ги поддржуваат нивните деца.
– 25-от член од законот, се однесува на неоправдано отсуство од училиште, а ова е оправдано отсуство од училиште, бидејќи тие се присутни повеќе од кога било. Досегашните преговори може да се наречат неуспешни пилот преговори и време е да се почне со суштински образовни политики, вели Јасна Шоптрајанова, мајка на средношколец.
За изјавата на премиерот Никола Груевски дека родителите ги жртвуваат децата заради партиски цели, Шоптрајанова рече дека најголем дел од родителите не се во ниту една партија, а децата им се врвен приоритет што не би ги жртвувале за партија.
А.Б.