Во Кавадарци синоќа се одржа третиот по ред меѓународен детски фестивал „Ластарчиња”, на кој учествуваа 30 солисти и 80 хористи и членови на танцови групи, на возраст од 5 до 11 години, како и гости од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија.
– Целта е на паметен начин да се искористи слободното време на децата, да се дружат и социјализираат, а она што е најважно, да бидат откриени нови таленти за пеење кои во иднина ќе бидат гордост на македонската музика, рече уметничкиот директор на фестивалот, Стефка Саздовска.
Таа нагласи дека во рамки на соработката со повеќе вакви фестивали од други земји, македонскиот солист Марија Мишева освои прво место од публиката во Ужице, Србија, додека Сара Саздовска влезе во осумте најдобри при интернет гласањето од повеќе земји, на фестивал во Софија, Бугарија.
Саздовска го најави и фестивалот за тинејџери за во септември годинава.
Химната на фестивалот, заедно со дечињата, ја пеат Наташа Малинкова и Александар Белов.