Младинскиот културен центар од 12. до 14. јуни ќе биде домаќин на второто издание на „Паратисима Скопје“, интернационален саем на современа уметност во Македонија.
Саемот покрај уметничката поставка, вклучува целодневна програма, исполнета со концерти на интернационални и локални музички автори, гостувачки и локални работилници и соработки со академии и организации од Македонија и странство.
Паратисима Скопје и оваа година ќе награди до 10 најкреативни учесници, и ќе им овозможи своето дело да го изложат на саемот за уметност Паратисима во Торино од 4-8 ноември 2015 година. Оваа година Паратисима Скопје во соработка со Галерија Флукс од Скопје, ќе селектира два автори кои ќе добијат можност за своја самостојна изложба во 2015 година.
Kуратор на Паратисима Скопје 2015 е Нада Прља, уметница со интернационален успех и поранешен предавач на неколку лондонски универзитети. Досега, учеството го пријавиле автори од Данска, Америка, Италија, Русија, Црна Гора, Хрватска, Холандија, Шкотска, Шпанија, Грција и Турција.
Повикот за учество на саемот е отворен за сите заинтересирани и не предвидува селекција за учество, а истекува на 10 мај.
Паратисима е италијански интернационален саем за уметност посветен на поддршка и промоција на културата, уметноста и креативните индустрии во вонинституционални рамки, основан 2004 година во Турин (Италија). „Паратисима Скопје“ е негова интернационализација, организирана од здружението на граѓани Континео 2020. На првото издание на Паратисима Скопје, кое се одржа лани, во јуни во Младинскиот културен центар, повеќе од 90 автори од Франција, Грција, Црна Гора и Италија се претставија со над 150 авторски дела.