Премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска сакале да ги примат мајката и братот на убиеното момче Мартин Нешкоски, но демонстрантите ја злоупотребиле ситуацијата, изјави Груевски во интервју за Канал 5.
Братот и мајката на Мартин Нешковски беа влечени од полицијата и им беше забрането да влезат во Владата кога воопшто немаше демонстранти во дворот. Напротив, оваа сцена предизивика револт кај демонстрантите, по што почнаа да ја префрлаат оградата.
„Веднаш донесовме одлука да бидат примени и заради таа одлука Министерката за внатрешни работи издаде наредба на командирот да ја отворат една од тие заштитни шипки за да може мајката да влезе. Тоа беше злоупотребено од другите, затоа што толпа народ навлегоа и се растури целата ситуација. Нема никаков проблем да биде примена дали од мене или од министерката“, изјави Груевски.
Моментот кога влезе братот на Нешковски во дворот на Владата не беше отворена ниедна заштитна шипка, туку тој ја прескокна оградата. Немаше ниту луѓе внатре. Полицијата му се нафрли, по што реагираше неговата мајка да го заштити, но и неа ја влечеа што може да се види од видеото. Не им беше дозволено да влезат во Владата. Заштитната шипка беше отворена многу подоцна од полицаец кој не ја ни бараше мајката на Нешковски, туку отвори и си замина по улицата кон трговскиот центар Мавровка.
Според верзијата на Груевски, сомнеж во искреноста на намерите на мајката на Нешкоски фрлило тоа што побарала да биде примена во Владата во присуство на новинари, активисти на невладини организации, демонстрнати. Според Груевски, ако сакала да се сретне со премиер, министер за внатрешни работи или друг висок функционер немало потреба да носи со себе демонстранти и други активисти.