Најдобрата ракометарка на македонскиот првак ЖРК Вардар, Андреа Пенезиќ која во моментов е втор стрелец во Лигата на шампионите со 89 гола во интервју за ЕХФ изјави дека во Скопје е дојдена со својот клуб да го освои трофејот во елитното натпреварување.
– Знаев точно што сакам следно во мојата кариера. Дојдов во Вардар со една цел – да ја освојам Лигата на шампионите и чувствувам дека ова е местото и тимот со кој ќе успеам да го остварам тоа. Ова е мојот прв Ф4 турнир како играч, но јас бев присутна и минатата година на Ф4 во Будимпешта, како гледач. Во тоа време веќе се имав договорено со Вардар и имав голема желба да бидам дел од тој настан и следната сезона, истакна Пенезиќ.
За противникот во полуфиналето на Ф4 таа вели дека е силен состав, но не и непобедлив.
– Го познаваме Будуќност многу добро. Тие се една екипа цврста во одбрана, одлично организирана и секогаш се меѓу фаворитите за титула. Но, јас чувствувам дека можат да загубат – секој може да загуби. Нашата победа против Ѓер направи да веруваме дека можеме да победиме против секоја екипа.
Пенезиќ задоволна и од работата на тренерскиот тандем Индира Кастратовиќ и Јан Питлик.
– Нашата најголема сила во Вардар е тимскиот дух. Ова е една балканска врска. Тоа најмногу се должи на Индира, која има многу големо трпение и доверба во нас, а исто така е голем мотиватор. Доаѓањето на Јан ни даде една свесност во тактичка смисла и го разви тој дел од нашата гира. Чувствувам дека сме еден перфектен тактички микс на балкански и скандинавски ракометен стил – тоа е една од нашите најсилни страни, потенцира бекот на „црвено-црните“.
Вардар на 9 мај против Будуќност ќе се обиде со победа да обезбеди финале на завршниот турнир во Будимпешта.