Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска ќе биде отворена изложбата „Победата над фашизмот. Како се постигна” која ја прикажува стравотната слика на геноцидот во СССР и на окупираните територии во европските земји, вклучувајќи го и Холокаустот.
Претставени ќе бидат и материјали за ослободувањето на европските земји од советските војници.
Изложбата може да се види до 12 мај 2015. Ја организира Амбасадата на Руската Федерација во соработка со НУБ и е во рамки на низата свечености планирани од Амбасадата по повод 70-годишнината од победата во Големата татковинска војна.
Пред присутните на отворањето ќе се обратат рускиот амбасадор Олег Шчербак и директорот на НУБ Иван К. Заров.