И денешната четврта средба помеѓу претставниците на средношколскиот пленум со вицепремиерот Пешевски и министерот Адеми и заменикот Ристовски помина без значајни резултати.
На средношколците, кои денеска беа придружени од претставници на Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Детската амбасада Меѓаши, им било кажано дека се прифаќа нивното барање за полагање државна матура според стариот концепт, односно како што се полагаше минатата година, но за екстерното нема отстапки. Средношколците сепак остануваат на своите барања.
– Никаков договор не е постигнат, понудивме неколку решенија на кои што работеа нашите работни групи, но решенијата на проблемите не беа прифатени. Сметаме дека доколку има волја ќе се најде решение за проблемите, но во овој момент никој не ни покажува волја и желба да се реши проблемот, рече Александра Филиповска од Средношколскиот пленум.
Средношколците не отстапуваат од своите две барања и велат дека и понатаму ќе работат и ќе имаат активности со кои ќе покажат дека тие се засегнати и се надеваат дека двете барања ќе им бидат исполнети.
– Тоа што го бараат од нас е компромис, да отстапиме од едното барање за да го добиеме второ барање. Преку двете барања ние ќе стигнеме до поквалитетно образование, со компромис не се добива квалитетно средно образование.
Доколку вицепремиерот смета дека веќе нема потреба од разговори со нас, треба веднаш да каже. Ние не сме спремни за компромис за второто барање, рече Дејан Рајковски од Средношколскиот пленум.
А.Б.