Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска оствари работна средба со новиот претседател на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски. Спасески му ја честиташе функцијата на Наумовски и му посака успешно менаџирање на македонската кошарка во следниот период.
На средбата се разговараше за идните планови на новото раководство, за актуелната состојба во македонската кошарка и за предизвиците со кои се соочува федерацијата во делот на блокираната сметка и просторните услови за функционирање.
Истовремено, стана збор и за Спортската Академија во кошарка, која успешно се реализира веќе трета година во средното фискултурно училиште „Методија Митевски-Брицо”.
Спасески се интересираше и за состојбите во репрезентацијата и подготовките за учество на Европското првенство во кошарка, на кое по петти пат, а четврти во низа ќе настапува и репрезентацијата на Македонија.
Двајцата соговорници изразија надеж дека македонската репрезентација ќе го повтори историскиот успех од Литванија и освојувањето на 4.место на Стариот континент.
Легендата на македонската кошарка, Петар Наумоски во понеделникот едногласно беше избран за нов претседател и е осмиот претседател на МКФ од осамостојувањето на Македонија, наследувајќи го на таа позиција Даниел Димевски кој ја предводеше Федерацијата од 2005 година.