Владата ќе даде поддршка за десетици села и за руралниот развој во интерес на граѓаните, соопшти портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Владата направи измени на Програмата за рурален развој и се определија 100 милиони денари кои таа наместо општините ќе ги исплати на изведувачите на 40 помали проеки што се реализираат во 32 села.
На општините ќе остане да го исплатат само својот дел од инвестицијата во висина од не повеќе од 30 отсто од инвестицијата, а некаде и во помал процент.
„Тие немаат обврска да го исплатат инвеститорот па да бараат рефундација, затоа што исплатата ќе ја направи Владата, во висина од најмалку 70 отсто, а некаде и повеќе и со тоа овие инвестициони 40 проекти ќе бидат реализирани без застој“, изјави Ѓорѓиев.
Четири од проектите се завршени речиси 90 проценти и се очекува во наредниот период да бидат комплетно завршени. За нив Владата комплетно ќе го рефундира износот определен со процент во договорот. Останатите 35 проекти се во рана или средна фаза од реализација.
„ Затоа со оваа финансика инјекција од страна на Владата кон општините, кои потоа средствата ќе ги трансферираат кон изведувачите на градежни работи, ќе се овозможи континуитет во реализацијата на проектите, односно нема да има никакво узурпирање во нивната реализација“, рече Ѓорѓиев.
Определените 100 милиони денари од страна на Владата комплетно ќе ги покријат потребите на општините.
Агенцијата за развој и поддршка на земјоделството ќе изврши анексирање на договорите со општините и ќе ја преземе обврската да ги исплати изведувачите во износ од најмалку 70 отсто од проектите.
– Изведувачите треба да бидат спокојни бидејќи ќе добијат средства, рече Ѓорѓиев.
Проектите се за изградба на селски патишта не подолги од еден километар, за селски мостови, пристапни патишта до нивите и пристап до земјоделско земјиште, како и за урбанизација на централните делови на селата.
Како што појасни Ѓорѓиев, заради притисокот од европската должничка криза и нејзиното влијание врз Македонија, општините ја известија Владата дека имаат притисок и потешкотии да ги исполнат договорите, да ги исплатат средствата, со што проектите се доведоа во опасност. Поради тоа, Владата се одлучи на измена на Програмата за рурален развој.
Во следниот тримесечен период како што одлучи Владата, истакна Ѓорѓев, ќе бидат посетени околу 250 села од страна на четири стручни тимови од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Агенцијата за поддршка на развојот и земјоделството.