Грчкиот Парламент усвои закон за обновување на работата на државната корпорација за радио и телевизија ЕРТ, која на скандалозен начин беше затворена во 2013 година, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на локалните медиуми.
Обновувањето на ЕРТ беше едно од предизборните ветувања на новата Влада на радикалната левичарска партија СИРИЗА.
Затворањето на ЕРТ, на 11 јуни 2013 година, предизвика шок во земјата и остри критики во странство, потсетува БТА.
Компанијата беше затворена со одлука на поранешниот премиер Андонис Самара. Властите оваа своја мерка ја образложија со загубите и трошоците на ЕРТ, но според опозицијата најважната причина беше
независниот карактер на медиумот, посочува ТАСС.
Законот беше изгласан синоќа и тоа главно од мнозинството на владеачката коалиција на радикалната левица и партијата „Независни Грци“. Социјалистите од „Пасок“ и претставниците на центристичката партијата “Потами“ гласаа само на некои точки од законот, а главната десничарска опозициска партија „Нова демократија“ гласаше против.
ЕРТ, чие работење чини 300 милиони евра годишно, беше заменета од компанијата НЕРИТ, која се очекува да се слее или да биде проголтана од ЕРТ, забележуваат британските медиуми. НЕРИТ имаше ограничен буџет и околу 500 вработени.
Законот предвидува повторно вработување на 1.550 поранешни вработени во ЕРТ, доколку тие сакаат да работат во компанијата. Пред нејзиното затворање во ЕРТ работеа над 2.600 вработени, но дел од нив се пензионираа, а други беа преземени од НЕРИТ.
Според грчкиот печат, новата ЕРТ ќе вработува 2.300 лица.