Претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис денеска најави дека в сабота, 2. мај ќе се сретне со новиот лидер на кипарските Турци, Мустафа Аканчи.
Анастасиадис посочи дека ќе му даде карти од 28 полиња со мини во реонот на планината Пантадактилос. Информацијата треба да помогне за отстранување на мините поставени во 1974 година.
Средбата на 2. мај ќе биде прва средба на лидерите на кипарските Грци и Турци од септември минатата година, кога беа прекинати преговорите за обединување на кипарскиот остров.
Анастасиадис наведе и дека административната контрола на муслиманските религиозни храмови во Република Кипар ќе биде предадена на севернокипарските религиозни органи.
– Неопходно е да се создаде клима на доверба, што би го поттикнала преговарачкиот процес, посочи кипарскиот претседател.
Претходно, портпаролот на кипарската Влада, Никос Христодулидис изјави дека кипарската грчка заедница е подготвена да објави „еднострани мерки за изградба на доверба“.