Јапонскиот премиер Шинѕо Абе нема да присуствува на официјалната церемонија со која на 9 мај во Москва ќе се одбележи 70-годишнината од победата во Втората светска војна, „поради пренатрупаниот распоред“, соопшти денеска портпаролот на јапонската Влада.
Шефот на неговиот кабинет, Јошихида Суга, на прес конференција кажа дека место премиерот на свеченоста ќе присустува јапонскиот амбасадор во Русија.
Тој потсети дека Јапонија минатата година во посета го повика рускиот претседател Владимир Путин, но таа беше одложена заради кризата во Украина, а нов термин се уште не е одреден, пренесуваат британските медиуми.
Имајќи ги во предвид руските енергетски ресурси, Абе приоритетно инсистира на подобрување на односите со оваа земја. Тие, сепак, се зетегнати со санкциите кои Јапонија ги воведе кон Русија заради кризата во Украина, бидејќи настојува да го следи својот близок сојузник – САД.
Германската канцеларка Ангела Меркел веќе го одби повикот за учество на церемонијата, заради тензичната ситуација околу украинската криза, но еден ден подоцна ќе положи венец на споменикот на незнајниот јунак во Москва.
ЕУ и САД ја обвинуваат Русија дека ги вооружува сепаратистите на истокот од Украина и со војници ги засилува нивните сили. Русија повеќепати ја негираше вмешаноста во конфликтот и САД ги обвинува за туркање на украинските прозападни власти во војна.
Се очекува кинескиот претседател Кси Џинпинг да дојде на прославата во Москва, иако тоа се уште не е официјално потврдено.
Кинеските државни медиуми јавија дека 110 кинески војници од Народно ослободителната армија веќе се стигнати во Москва за подготовките за парадата.