До родители на ученици во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ денеска пристигна писмо во кое се повикувааат тие да ги спречат своите деца да ја бојкотираат наставата затоа што ќе се соочеле со негативни последици
„Секој загубен училишен ден ќе резултира со негативни последици по иднината на нашите деца“, пишува во писмото упатено до родителите, а потпишано од директорката на гимназијата, Татјана Стојанова Дуева.
„Сите ученици јавно ги повикуваме да дојдат во гимназијата на настава во своите училници, за да го надополнат секој изгубен час, каде всушност е нивното место, а не да останат по улиците на кои никој не води грижа за нивната безбедност.“, им пишува директорката на родителите.
Во писмото неколку пати се спомнува дека оние што нема да дојдат на настава ќе трпат „штетни последици“
„Да не дозволиме оние кои сакаат да учат и да одат на настава да ги трпат штетните последици во недостиг од знаење за совладување на насавните програми. Нашата институција функционира според важечките законски прописи од областа на образованието и од областа на безбедноста. Додека се на настава, ние гарантираме за безбедноста на нашите деца“, им пишува директорката Стојанова Дуева на родителите.
Од друга страна, родителите на ученици од СУГС „Јосип Броз Тито“, за А1 он велат дека ова писмо е уште еден обид да се изврши притисок врз нив.
– Се обидуваат врз нас родителите да извршат притисок, за да ги спречиме децава во остварувањето на нивните барања
Ние и понатаму стоиме зад децата и ја имаат целосно нашата поддршка, без разлика на сите повици и закани упатени и кон нив и кон нас, вели родител за А1он.