Продолжуваат тешките и мачни преговори на Грција за неопходниот пакет за штедење.
Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас синоќа ги продолжи разговорите со „тројката“, но исходот не сакаше да го коментира.
„Катимерини“ од свои извори дознава дека Владата се надева дека 13,5-те милијарди евра што треба да се обезбедат од намалување на трошоците и зголемување на даноците ќе бидат утврдени оваа недела и одобрени од трите коалициски лидери на почетокот од следната седмица.
Премиерот Андонис Самарас е јасен дека сака сите мерки да се договорат пред самитот на лидерите на Европската унија закажан за 18 октомври.
Стурнарас ќе се обиде да ја убеди „тројката“ дека наредната година треба да се спроведат мерки за заштеда на 7,8 милијарди евра, наместо девет милијарди како што бараат европските кредитори од Грција.
На синоќешниот состанок, покрај фискалните мерки, се разговарало и за 89 структурни реформи кои Грција е обврзана да ги спроведе оваа година, како дел од планот за помош.