Папата Франциско во септември ќе ги посети Куба и САД

Од:

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско во септември ќе престојува во официјални посети на Куба и на САД.

Во Хавана, папата ќе престојува на покана на кубанските власти и на бискупот на Куба. Ватиканскикте медиуми не откриваат колку ќе трае посетата на папата на Куба, но се пренесува изјавата на кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, во која тој вели дека посетата на поглаварот на Католичката црква ќе биде „настан за паметење“, како и дека папата ќе биде „топло пречекан од Кубанците“.

Ова не е прва посета на еден папа на оваа островска, комунистичка земја во Карибите. Претходно во Куба престојуваа папата Јован Павле Втори во 1998 година, а потоа и Бенедикт Шеснаесетти во 2012 година.

Папата Франциско кој претходно беше кардинал од Аргентина, еднаш веќе престојувал во Куба.

Пред три години, тој го придружуваше папата Бенедикт за време на престојот во Хавана. Тој претходно има напишано и книга за Куба.

Посетата на сегашниот поглавар на Католичката црква доаѓа во време на обновени дипломатски односи меѓу Куба и САД, по прекинот што траеше повеќе од половина век.

Економската блокада на САД врз островот е се уште во сила, но двете соседни земји настојуваат да воспостават дипломатски врски и да развиваат трговска размена, што не е опфатена со блокадата, за чие укинување е потребна согласност на американскиот Конгрес.

Ватикан има учествувано во организирањето на тајната дипломатија за да се потикнат Куба и САД да ја надминат состојбата, воспоставена уште од 1961 година. Според медиумите во Ватикан, папата директно учествувал во некои разговори за повторното приближување на Куба и САД.

Од Хавана, папата Франциско ќе замине во посета на САД, каде ќе престојува во Вашингтон, Филаделфија и Њујорк. Предвидено е тој да зборува пред конгресмените и сенаторите во Конгресот на САД, а да се обрати и во Генералното собрание на ОН.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија