Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски за поттикнување и планирање на агресијата која беше изршена против советниците, градоначалникот и против Општината на протестите во јуни 2013 година кога Општина Центар беше нападната од членови на непостоечкото здружение „Веритас“. Оваа кривична пријава Жерновски ја поднесува по снимките кои ги објави СДСМ, каде, наводно, премиерот и министерот за транспорт, Миле Јанакиески, го договараат протестот и каде премиерот предлага градоначалникот да добие 5-6 шамари од партиски активист.
Жерновски денеска изјави пред Владата дека сторителите на насилието врз Општината до сега се водеа како непознати лица, но дека веќе е јасно оти зад насилствотот стои Никола Груевски како поттикнувач и организатор.
– Јас не сум кукавица Никола, ти организираш други луѓе да го направат тоа што го наумиле. Ќе те почитував повеќе доколку лично дојдеше во Општина Центар и на седницата ми ги удреше тие 5-6 шамари, а не да организираш други луѓе. Дојдов тука сам пред твојот кабинет за да ти соопштам лично дека кривично ќе одговараш за тоа што го стори, можеби не пред ова денешно судство, можеби не пред овие денешни твои судии, но еден ден сигурно ќе одговараш. Моите деца неколку дена ме прашуваат како е можно премиер на Република Македонија да сака да нападне градоначалник. Се уште не знам како да им одговорам дека имаме таков премиер, но знам дека ти пред твоите деца ќе бидеш исправен со многу посериозни и потешки прашања – рече градоначалникот.
Во јуни 2013-та година десетици граѓани протестираа пред Општина Центар како реакција на намерите на Општината да ги повлече Деталните урбанистички планови со кои се предвидуваше изградба на нови објекти од проектот „Скопје 2014“. При тоа насилните граѓани ја демолираа бараката, го искршија инвентарот и им се закануваа на градоначалникот на советниците. Протестите беа запаметени по тоа што на демонстрантите им се делеа сендвичи.
„Во изминатите денови, преку презентирање на аудио снимка од телефонски разговор, јавноста имаше можност да го дознае организаторот и поттикнувачот на насилството. Станува збор за лицето Никола Груевски, кој во разговор со лицето Миле Јанакиевски, го презентира плант за извршување на кривичното дело. Во таа насока, тој најавува дека ќе се соберат околу 2.000 луѓе пред Општина Центар, од кои една група да влезе внатре и да го изврши насилството. Сугерира и физички напад вр градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, на кого да му бидат удрени едно 5-6 јаки шамари“, стои во кривичната пријава.
Маја Васева