Средношколците во Охрид денеска по втор пат излегоа низ улиците на градот. Тие преку овој протест го искажаа незадоволството од, како што велат, лошите реформи во образованието. Средношколците беа револтирани и од односот на министерот за образование Адеми чиј приоритет, како што нагласија треба да биде образованието.
Јавно се обраќаме до министерството за образование дека инсистираме на средба со претставници од средношколскиот пленум на кој ќе се оствари дијалог за барањата доставени од овој пленум. Долго време сме игнорирани и нема да дозволиме тоа да се случува во иднина. Нашите стремежи не се ништо комплицирано, само една обична средба на која ќе има можност да се најде средина прифатлива и за нас како средношколци, и за министерството како надлежност за образованието. Апелираме за поддршка до сите оние кои на каков било начин се сложуваат со нашата борба бидејќи овие реформи не важат само за нас, туку за сите оние кои директно или индиректно се вклучени во образовниот систем – рекоа од Средношколскиот Пленум во Охрид.
На протестот средношколците денеска добија поддршка и од родителите и од наставниците. Родителите укажаа дека крајно време е институциите да го препознаат и да го респектираат потенцијалот кој го носат младите во државата.
Тие истакнаа дека ова е една генерација на средношколци која сака, може и умее и има право активно да учествува во создавање на квалитетно и модерно образование и дека им е доволно од инстант – реформи.
Ви укажуваме на актуелните збиднувања дека учениците единствено нешто што бараат од Вас, е да не бидат неми посматрачи на актуелните збиднувања во образованието, секогаш подготвени и спремни на најголемата придобивка во едно демократско општество кон кое сите се стремиме – правото на дијалог, правото да не бидат испрашани но и да прашуваат, се заради свое подобро утре и подобро утре на идните генерации – рече Рајко Домазетовски, од родителите кои денеска излегоа заедно со средношколците упатувајќи се кон министерот Адеми.
Родителите му порачаа на министерот адеми дека во групата на ученици може да биде и неговото дете. Средношколците на крајот од протестот им се извинија на охриѓани за непријатностите и за застојот во сообраќајот за време на протестот на улиците по кои се одвиваше маршот.
Ф.Ј.