Воздушните напади врз позициите на Исламска држава (ИД) во Ирак и Сирија се недоволни за елиминирање на оваа терористичка група. За ефикасна борба со неа е неопходна копнена воена операција, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес конференција со ирачкиот претседател Фуад Масум, кој се наоѓа во посета на Анкара, пренесе ТАСС.
Ердоган не прецизираше кои држави треба да учествуваат во евентуалната копнена операција против терористите на територијата на Ирак и Сирија.
Шефот на турската држава изјави дека Анкара е подготвена да ја вооружа ирачката армија и да ги обучува ирачките војници.
-Секогаш ја поддржувавме територијалната целост на Ирак и ќе продолжиме тоа да го правиме, додаде Ердоган, цитиран од турскиот ТВ канал НТВ.
Тој ја истакна поддршката која Турција ја дава во борбата против ИД и додаде дека основна цел на тероризмот на ИД се муслиманите, кои живеат во регионот.
Треба многу добро да знаеме дека ИД е вирус, кој има за цел да ја разбие нашата муслиманска заедница, подвлече Ердоган.
Тој истакна дека ИД првично ја почна својата терористичка дејност во Сирија. Ердоган го посочи сирискиот претседател Башар ал Асад како виновникот за нараснатата активност на групата, и изјави дека Асад го „потхранува“ ИД.
Асад ја потхрануваше групата и таа дојде до сегашната положба. ИД стигна речиси до Багдад, рече Ердоган.
ИД е вирус што преминува од едно место на друго. Вирусот на ИД може да се распространи и на други континенти, рече ирачкиот претседател.