Поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски ќе биде презентирана пред српската публика

Од:

Збирката поезија „Блиска врска“ на охридскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски со избор на неговата поезија преведена на српски јазик утре во Белград ќе биде презентирана пред Друштвото на писателите на Србија.

Станува збор за второ претставување на изданието на Димоски пред српската поетска јавност. Книгата „Блиска врска“ е третата стихозбирка со поезија на Димоски препеана на српски јазик, премиерно објавена на Саемот на книгата во Белград одржан во октомври минатата година.

За книгата и творечкиот опус на Димоски пред Друштвото на писателите на Србија ќе зборуваат поетите Радомир Андриќ, Душко Новаковиќ и Адам Пуслиќ.

Следниот ден, во петок во Нови Сад, во рамки на меѓународната манифестација „Салон на книгата“ Димоски и српскиот поет, критичар и есеист Јован Зивлах ќе дебатираат за меѓународните културни манифестации што ја негуваат поезијата како литературен израз, на која ќе се зборува и за манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ и нивното значење на меѓународна сцена.

Славе Ѓорѓо Димоски е основач е и долгогодишен раководител на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, а сега е претседател на Управниот одбор на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“.

Во досегашното богато творештво Димоски зад себе има десет стихозбирки, четири книги за деца, три книги есеи, осум изданија со избор негови стихови, две антологии, а негови поединечни песни и поетски циклуси се преведени на англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски, италијански, грузиски, ерменски, монголски јазик.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот