„Стогодишникот кој скокна од прозорец и исчезна“ во Кинотека

Од:

Во организација на Амбасадата на Шведска, вечер во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан шевдскиот филм „Стогодишникот кој скокна од прозорец и исчезна“ во режија на Феликс Хернгрен, снимен во 2013 година.

Приказната се плете околу главниот лик – стогодишникот  Алан Карлсон, кого во филмот го игра шведскиот актер Роберт Густафсон.

По многу години авантуристичен живот, Алан завршува во старечки дом и верува дека тоа е неговата последна животна станица. Проблем е што тој се уште има добро здравје и деновите во домот за него стануваат мачни. Како што се ближи прославата на неговиот 100-ти роденден, за кој Алан воопшто не е заинтересиран, тој се одлучува на бегство од својот здодевен живот.

Се прекачува преку прозорецот и се втурнува во серија на настани кои го водат на едно урнебесно смешно и неочекувано патешествие. Иако Алан е целосно незаинтересиран за политиката и религијата, се чини дека токму тој има влијание на најважните светски настани од минатиот век.

Филмот е адаптација на бестселерот на шведскиот писател Јонас Јонасон, кој само во Шведска е продаден во повеќе од еден милион примероци, а е објавен во 38 земји низ светот, вклучително и во Македонија.

„Стогодишникот“ ќе биде прикажан и на 30 април во Центарот „Лоја“ во Тетово.

Би можело да ве интересира

„Бруталист“-апсолутен добитник на Златен глобус

Предраг Петровиќ

Курт Расел за The Hateful Eight: Морав да станам сосема нова личност

Предраг Петровиќ

Снимањето на серијата за Хари Потер започнува следната година: „Нова актерска екипа“

Предраг Петровиќ

Проекција на филмот „Божиќното танго“ во режија на Никос Кутелидакис

„Лиминални простори-лиминални тела“ – проекција на краток филм и изведба на танцов перформанс во Охрид

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола