Запознавање со минерали и кристали oд светот и од Република Македонија, меѓу кои и македонскиот рубин, ќе се одржи денеска и утре во Народната канцеларија на Председателот на Република Македонија во Скопје по повод Денот на планетата Земја – 22 Април.
Еден од организаторите на настанот Дејан Шкартов, кој е промотор на македонскиот рубин, вели презентацијата ќе овозможи нов пристап кон сознанието колку природните минерали се присутни во нашиот секојдневен живот, без да бидеме свесни за тоа.
– Првата асоцијација на темата “Планета Земја” или ” Природа” најчесто е прекрасен пејсаж, или некаков приказ на богатството на појавни форми од растителниот или од животинскиот свет. Но, сепак, постои еден свет, кој е уште побогат со форми, бои, хемиски елементи и нивни комбинации, но кој е и најмалку познат – скриениот, волшебен свет на природните минерали и кристали, вели Шкартов.