Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска усвои резолуција за масовното шпионирање во која предупредува дека оваа пракса, што ја обелодени американскиот разузнавач Едвард Сноуден, ги загрозува човековите права и ги ограничува начините за спречување на терористичките напади.
– Масовните шпионирања, се чини, не придонесоа за спречување на терористичките напади, наспроти претходните тврдења на високите разузнавачки претставници, се наведува во резолуцијата што ПССЕ ја усвои врз основа на извештајот на холандскиот пратеник Петер Омцигт, се наведува на сајтот на Советот на Европа.
Место тоа, предупредува ПССЕ, ресурсите што можат да предупредат на теористички напади се свртени кон целите на масовен надзор, а со тоа им се овозможува дејствување на потенцијално опасни лица.
Пратениците на ПССЕ укажаа дека собирањето и анализирањето на личните податоци, вклучувајќи ги и т.н. „метаподатоци“ , можат да се спроведуваат без согласност и само врз основа на „судска одлука која е донесена врз основа на разумен сомнеж“.
Тие повикаа и на подобра правосудна и парламентарна контрола на разузнавачките служби, на воспоставување „разузнавачки кодекс“ со кој се дефинираат взаемните обврски, а кои тајните служби можат да ги усвојат, како и на сигурната и ефикасна заштита од распалувачи, како Сноуден.
ПССЕ го повика генералниот секретар на Советот на Европа да ги искористи овластувањата што му ги дава Европската конвенција за човекови права и да побара од државите учеснички да одговорат дали нивните шпионски активности се во согласност со стандардите од Конвенциите поврзани со човековите права.
Европските пратеници, исто така, ги повикаа парламентите на државите членки да спроведат истраги за аферите на американската Национална безбедносна агенција (НСА), чиј агент беше токму Сноуден, како што тоа го стори германскиот Бундестаг.