Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, се согласи шведските обвинители да го сослушаат во Лондон, изјави шведскиот адвокат Томас Олсон за „Си-Ен-Ен“.
Асанж од јуни 2012 година се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде доби азил за да избегне екстрадиција во Шведска, каде е обвинет за силување. Асанж ги отфрли обвиненијата и стравува дека официјален Стокхолм ќе го испорача на САД, каде би можел да добие смртна казна поради објавување државни тајни преку „Викиликс“.
Олсон рече дека шведските обвинители мора да се обратат на британските и на еквадорските власти за да добијат дозвола да го направат разговорот во амбасадата.
Шведските власти долго ја одбиваа можноста распитувањето да се направи во Велика Британија, но го сменија ставот бидејќи некои од наводните обвиненија би можеле да застарат во август годинава.
Извор: Мета