Либанската новинарка Карма Кајат денеска беше изведна пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг, обвинета за „непочитување на судот“ поврзано со истрагата што се води за убиството на поранешниот премиер на Либан, Рафик Харири.
Кајат и нејзината телевизиска станица Ал Џадед се обвинуваат дека откривале детали за сведоците, во процесот пред Специјалниот суд за Либан, формиран од ОН за да се осудат извршителите на атентатот.
Таа, меѓутоа, ги отфрла обвинувањата и тврди дека не направила ништо противзаконско, туку дека само ја бранела слободата на говорот.
Пет лица кои се наоѓаат во бегство, се обвинети за убиството на Харири ,а Судот настојува тие да бидат судени во отсуство.
Харири беше убиен во февруари 2005 година, кога колоната автомобили, што се движеше низ улиците на Бејрут беше погодена од силна експлозија на бомба. Покрај поранешниот премиер, беа убиени уште други 21 лице,а голем број беа ранети.
Новинарката Кајат е првата личност на која и се суди во врска со ова убиство. Според наодите на истрагата, петмината обвинети, биле поврзани со милитантната шиитска организација Хезболах.
Обвинителот на судот во Хаг ја обвинува Кајат дека таа и нејзината тв станица објавиле листа на сведоци во процесот против петмината, со што се поткопала нивната доверба во Специјалниот суд за Либан, затоа што претходно им било ветено дека ќе останат анонимни.
Во својата одбрана, новинарката вели дека била објавена само редактирана листа, од која е „невозможно да се разбере идентитетот“ на ниту еден од заштитените сведоци. Кајат од своја страна, го обвинува Специјалниот суд за немарност, затоа што дозволил да истечат важни информации за идентитетот на сведоците.
Според новинарката, судот за убиството на Харири се обидува со процесот против неа да ги замолчи либанските медиуми за во иднина да не биде критикувана неговата работа.
„Овде во Хаг, јас сум да ги бранам печатот и слободата на говорот и изразувањето„-изјави новинарката Карма Кајат.