Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев фаворитската улога на претстојниот квалификациски натпревар против Хрватска им ја препушти на гостите.
– Хрватска е фаворит, очекувам да оди на победа. Тие се квалитетна репрезентација и не само со нас, туку се фаворити и во нашата група. Ние треба да играме поконцентрирано за разлика од септемвриските натпревари, се надевам на повеќе среќа и на искористување на шансите. Не сме голема репрезентација па да создаваме десетина шанси за гол и затоа треба да играме внимателно, посебно во нападот, рече македонскиот капитен на денешната прес – конференција.
– Со нетрпени го очекуваме дуелот со Хрватска. Работиме во одлична атмосфера, а според информациите, стадионот во петок ќе биде полн, но тоа не треба не понесе и по секоја цена да тргнеме да дадеме гол, затоа што Хрватите знаат да ја казнат секоја грешка и од полушанса да постигнат гол, нагласи Пандев.
Селекторот Чедомир Јаневски најави дека нема нешто драстично да менува во однос на септемвриските дуели, имајќи в предвид дека Македонија играше добро.
– Репрезентативците ја вратија самодовербата, а играњето пред полн стадион пред нашата публика треба да е дополнителен мотив за остварување добар резултат. Продолжуваме да работиме во добра атмосфера и се надеваме дека покрај повторувањето на добрата игра, овојпат ќе освоиме повеќе бодови отколку во првите два натпревари, потенцира Јаневски.
Натпреварот Македонија – Хрватска од квалификациите за Светското првенство ќе се одигра в петок на националната арена „Филип Втори“ во Скопје со почеток од 20:30 часот.