Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун го повика денеска сирискиот претседател Башар ал Асад да прогласи едностран прекин на огнот, а опозицијата да го почитува.
Тој по средбата со францускиот претседател Франсоа Оланд во Париз истакна дека го разгледува тоа прашање со клучните страни од Советот за безбедност на ОН и државите во регионот.
– Страдањата во Сирија достигнаа неприфатливо ниво, рече Бан на заедничката прес-конференција со Оланд.
Генералниот секретар на ОН предупреди дека е „недозволиво населението да продолжи да страда на тој начин и ги повика државите, кои им доставуваат оружје на двете страни во конфликтот да престанат да го прават тоа.
– Продлабочувањето на милитаризацијата на конфликтот само ќе придонесе за влошување на состојбата на сирискиот народ, рече Бан и додаде дека конфликтот може да биде решен само по политички пат.
Оланд говореше за зголемената тензија меѓу Сирија и Турција, нагласувајќи дека доколку се избегне ескалација на насилството, тоа ќе се должи на воздржаноста на Анкара. – Но зошто толку долго би траело трпението на Анкара?, праша Оланд.
Францускиот претседател повика за воведување нови санкции кон режимот на Дамаск, со цел да направи отстапки.