Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Македонија (ССЕСМ) и Здружението на работодавачи од енергетиката при Организацијата на работодавачи на Македонија денеска во Стопанската комора на Македонија го потпишаа Колективниот договор за енергетика.
Целта на овој колективен договор е регулирање на правата и обврските на социјалните партнери во енергетиката, потоа да се применат меѓународните работни стандарди, да се изедначат условите за работа на ниво на гранката и да се утврди одредена рамка на права кои треба да им се овозможат на вработените, со што ќе се одржува лојалната конкуренција помеѓу работодавачите во време кога тоа е најпотребно за сигурност на работните места и условите за работа во енергетиката и унапредување на социјалните права и здрава работна средина.
„Цврсто стоиме на констатацијата дека вистинскиот социјален дијалог нема алтернатива и само преку негов континуитет сите отворени прашања можат квалитетно и долгорочно да се решаваат“, изјави г-дин Вернер Хенгст, претседател на Здружението за енергетика при Организацијата на работодавачи на Македонија.
Задоволство од потпишувањето на договорот искажа и претседателот на Самостојниот синдикат на работниците од енергетиката г-дин Роберт Симоноски, кој истакна дека ова е историски момент кога за првпат со колективен договор се верификуваат правата на работниците во сите енергетски компании во земјава од приватниот сектор. Исто така се регулираат односите во енергетиката во време кога тоа е најпотребно за сигурноста на работните места и условите за работа во оваа гранка. Со превземањето на ваквата обврска за заемно почитување на договорните работи со гордост можеме да истакнеме дека Македонскиот енергетски сектор ги имплементираше Европските стандарди на социјален дијалог.